Апел од Дисциплинскиот обвинител до сите адвокати и адвокатски друштва | Правдико

Правдико

   

Апел од Дисциплинскиот обвинител до сите адвокати и адвокатски друштва

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

logo (1)ДО СИТЕ АДВОКАТИ И АДВОКАТСКИ ДРУШТВА

Согласно на член 30 став 1 од Законот за адвокатура, определено е дека адвокатите се одговорни за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата, а согласно на став 3 од тој член, со акт на Адвокатската комора на Република Македонија, поблиску се утврдуваат повредите на вршење на адвокатската должност и угледот на адвокатурата.

Рекламирањето на адвокатот и адвокатската дејност и давањето на правни совети е забрането со актите на Адвокатската комора на Република Македонија, и тоа со Статутот, Кодексот на професионална етика и Правилникот за дисциплинска одговорност на АКРМ.

Според Член 51 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија

“Забрането е рекламирање на адвокатската дејност и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми.

Не се смета за рекламирање истакнувањето на податоци на адвокатот или адвокатското друштво на нивната лична ВЕБ страна на интернет, под услови определени во Правилникот за дисциплинска одговорност.”

Во Кодексот на професионална етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на АКРМ, дел 1. Општи Принципи, точка 5 – лично рекламирање, е определно:

“Адвокатот не смее да се рекламира или да бара личен публицитет на недостоен начин”.

Согласно на член 13 став 1 точка 10 од Правилникот за дисциплинска одговорност:

На адвокат и адвокатско друштво ќе му се изрече дисциплинска мерка ако:

“Се рекламира спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите и бара странка на недостоен начин.”

Согласно Правилникот за дисциплинска одговорност, во член 13 став 2 е предвидено:

“Не се смета за рекламирање спротивно на Кодексот и овој Правилник објавувањето на основни податоци за адвокатот: објавување на Веб страна на Интернет: име, презиме, адреса, телефон, област од дејноста, без наведување на цените на услугите и без истакнување на лични и професионални квалитети на адвокатот. Забранието е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата веб страна.”

Нагласуваме дека рекламирање претставува и објавување на рангирање на адвокати или адвокатски друштва, опишување на адвокатот или друштвото како најдобар/о, најуспешен, на прво место и слично; објавување поврзаност со адвокатски фирми, дека адвокатот или друштвото се дел од групации и слично; објавување написи со содржини со кои адвокатите или друштвата се издвојуваат како најдобри или подобри од другите. Како што претходно е нагласено што точно не се смета за рекламирање е регулирано во член 13 став 2 од Правилникот за дисциплинска одговорност.

Дисциплинскиот обвинител бара од сите адвокати и адвокатски друштва ДА ГО УСОГЛАСАТ СВОЕТО ПОСТАПУВАЊЕ ПРИ ОБАВУВАЊЕТО НА АДВОКАТСКАТА ДЕЈНОСТ СО ПОГОРЕ ЦИТИРАНИТЕ ОДРЕДБИ НА АКТИТЕ НА АДВОКАТСКА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, А ДО 15 ФЕВРУАРИ 2015 година ДА ГИ УСОГЛАСАТ СВОИТЕ ВЕБ СТРАНИ СО ПОНАПРЕД ЦИТИРАНИТЕ ОДРЕДБИ.

Дисциплинскиот обвинител при Адвокатската комора на Република Македонија ќе поведе дисциплинска постапка против адвокатите и адвокатските друштва кои во оставениот рок нема да постапат по ова известување.

АДВОКАТСКА КОМОРА НА РМ

Дисциплински обвинител

Синиша Станковиќ, адвокат

Препорачуваме

Партнери на Правдико