Апелација ја укина пресудата за лекарот Дејан Ставриќ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда за очниот лекар Дејан Ставриќ кој во мај минатата година беше осуден на една година затвор поради примање награда за противзаконито влијание.
Повисокиот суд ја укинал пресудата поради констатирани суштествени повреди и неутврдена фактичка состојба, а со најновата одлука се издадени и одредени упатства до скопскиот кривичен суд, а кои ќе треба да бидат земени предвид на повторениот судски процес кој е закажан за седми април.
„Судот да прибави правно-релевантни докази и да утврди дали Комисијата за оценка на работната способност при Фондот за ПИОМ со наодот, оценката, мислењето и одлуката дека кај оштетениот постои професионална неспособност за работа и работната способност е намалена за 51 отсто инвалидност од втора категорија, извршила службено дејствие што не смеела да го изврши“, се вели во упатствата што ги дава повисокиот суд.
Како што е познато, Дејан Ставриќ, инаку поранешен лидер на Синдикатот на лекарите, беше обвинет дека од пациент примил 2.000 евра, а тој за возврат требало да помогне во стекнување право на инвалидска пензија.
Ставриќ, кому му беше изречен осумдневен притвор, беше осуден по само едно одржано судско рочиште, но по изрекувањето на одлуката, тој се стекна со правото да се брани од слобода, се’ до изрекување на правосилна судска пресуда. Тој го искористи правото да вложи жалба која Апелацискиот суд ја прифати и сега предметот е вратен од почеток.
Извор: Утрински весник