Правдико

   

Апелација потврди дека Заев не е виновен за „Поткуп“

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на Основното јавно обвинителство за ослободителната пресуда за случајот „Поткуп“ каде актуелниот премиер Зоран Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште.

„Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-27/18, во јавноста познат како ‘Поткуп’, по одржана нејавна седница, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК.бр.62/16 од 21.05.2018 година. Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, стои во соопштението на Апелацискиот суд.

Обвинителката Валентина Бислимовска во завршниот збор направи измена на обвинението и предложи, наместо за примање поткуп, за што беше предвидена казна затвор над пет години, премиерот да биде гонет за обидот да земе поткуп како градоначалник на Струмица. Бислимовска тогаш нагласи дека сведокот Иван Николов Сачевалиев во исказот бил дециден дека не му дал пари на Заев и дека тој како градоначалник не примил подарок. Со преквалификацијата на делото отпаднаа посебните истражни мерки за Заев што ги предложи обвинителството.

Заев пред судот и медиумите рече дека станува збор за местенка од претходната власт со цел негова политичка дискредитација и објасни дека е среќен што ја докажал неговата невиност пред судот. Во предметот „Поткуп“ Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште.

Експремиерот Никола Груевски утрово во објава на „Фесјбук“ реагираше на одолговлекувањето на пресудата на Апелацискиот суд за случајот „Поткуп“, во кој беше обвинет премиерот Зоран Заев. За предметот скопска Апелација речиси една година не ја соопштува одлуката за предметот. Според Груевски, наспроти тоа, за него целата постапка се одвивала исклучително брзо.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико