Апсењата фрлија светлина на напорите на Црна Гора за борба против корупцијата | Правдико

Правдико

   

Апсењата фрлија светлина на напорите на Црна Гора за борба против корупцијата

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Неодамнешните апсења на високи функционери во Будва се позитивни знаци дека Црна Гора вложува здружени напори за судeње на случаите на корупција, велат експертите.

montenegro16

Црногорската полиција минатиот месец го уапси градоначалникот на Будва, Лазар Раѓеновиќ, под сомневање за злоупотреба на службената должност.

Обвинението се однесува на банкарскиот кредит од 2007 година во висина од 2 милиони евра на приватното претпријатие Луна, кој Раѓеновиќ го поткрепил со државни гаранции. Полицијата информираше дека кредитот бил искористен за купување 26.000 метри квадратни државно земјиште во Косљун, и дека не бил вратен. Банката си го наплатила долгот од општината.

Александар Тичиќ, советник за приватизација на премиерот Мило Ѓукановиќ, и Јелица Петричевиќ, заменик-директор на Прва банка, беа исто така уапсени минатиот месец. Сите тројца се наоѓаат во притвор.

Андрија Пејовиќ, главниот црногорски преговарач со ЕУ рече дека апсењата ја потврдуваат политичката волја на земјата за ставање крај на корупцијата и организираниот криминал.

„Овие апсења не се почеток, туку продолжение на една сериозна војна“, рече Пејовиќ заSETimes. „Досега Црна Гора усвои неколку закони за спречување на корупцијата. Со овие закони Црна Гора ќе воспостави државна агенција за антикорупција. Исто така, ќе формираме и специјално обвинителство за антикорупција и организиран криминал, кое ќе има силно репресивно влијание.“

Во извештајот на ЕУ за напредокот на Црна Гора во 2013 година, се повторува дека раширената корупција останува главен предмет на загриженост за Брисел. Во декември 2013 година Црна Гора и официјално ги отвори преговорите со ЕУ за поглавјата 23 и 24, кои ги вклучуваат напорите против организираниот криминал и корупцијата.

Двете поглавја се однесуваат на воспоставувањето независно и ефикасно судство, и прашањата како што се граничната контрола, визите, надворешната миграција, азилот, полициската соработка и напорите против организираниот криминал и тероризмот.

Новиот пристап на ЕУ кон преговорите за членство, кој почна да се применува за првпат со Црна Гора, значи дека поглавјата 23 и 24 ќе останат отворени до крајот на преговорите.

Експертите се согласуваат дека земјата има уште многу работа за да ги исполни европските стандарди.

„Црна Гора е сé уште на самиот почеток од борбата против корупцијата и организираниот криминал. Ние сé уште немаме институтции способни за непристрасни процедури, транспаренто информирање на јавноста или внатрешна одговорност за пропустите“, рече за SETimes Далиборка Уљаревиќ, извршен директор на Центарот за граѓанско образование во Подгорица.

Некои жители на Будва велат дека се свесни за тоа оти нивниот град е средиште на корупцијата, поради нејзината атрактивност за бизнисите.

„Сега сите сакаат да имаат бизнис во Будва заради цените на земјиштето“, рече за SETimes Радош Радусиновиќ, агент за недвижности од Будва. „Цените на становите се многу високи и затоа овој град стана една од главните туристички дестинации на Јадранското Море во изминатите неколку години. Затоа владата мора да обрне особено внимание на луѓето кои водат бизнис тука, како и во другите крајбрежни градови.“

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико