Адвокат Атанасије Сотировиќ (1900-1973)
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во групата на значајни адвокати во Македонија, за време пред и по Втората светска војна влегува и адвокатот Атанасије Сотировиќ. Ако личноста на адвокатот ја цениме по неговата работа и можноста да помогне на граѓанството и општеството, тогаш Сотировиќ е пример за адвокат кој од една страна индивидуално како адвокат бил познат по успешното завршување на низа предмети во судовите во Македонија, а од друга страна во општеството дал несебичен придонес во развојот на Битола, неговиот роден град во кој своевремено бил и Градоначалник.
Атанасије Сотировиќ е роден во 1900 година во Битола. Основно училиште учел во Битола и Франција, како талентиран ученик – стипендист на Република Франција. Гимназија завршил во Битола, а Правен факултет во Суботица во 1922г. За време на студирањето работел како приправник во Царинарницата во Суботица, обезбедувајќи материјални средства за студирање.
По дипломирањето се вработува како приправник во судот во Смедерево, а во 1923г. во судот во Кавадарци. Во 1926 година, го положи судиско-адвокатскиот испит. По полагањето на испитот се вратил во Битола, каде работел како адвокат.
Во 1933 година, Сотировиќ е избран за Претседател (градоначалник) на битолската општина. Како градоначаник покрај реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти, Сотировиќ е заслужен за електрификацијата на градот, доизградба на градскиот парк, основањето на Музејот во Битола (1934г.) и друго.
По завршувањето на функцијата Градоначалник, продолжил со успешната адвокатска дејност заклучно со 1941 година, кога не сакал да даде заклетва како адвокат под бугарската власт.
Постои кажување, дека во Битола во период на бугарската окупација, кога се мобилизирале голем број на млади битолчани во редовите на бугарската армија, на состанок во генералштабот на генералот Маринов, со видни граѓани на Битола, Сотировиќ прашал какво и уредувањето на Бугарија и дали Македонија е составен дел од државата. Од генералот добил одговор дека Бугарија е уредена како Уставна монархија и дека Македонија е составен дел од таа монархија. На ова Сотировиќ прокоментирал дека Македонија нема ниту еден пратеник во Бугарскиот парламент, од што правно заклучил дека Македонија не е интегрален дел на Бугарија, туку Бугарија е окупатор на Македонија и нема право да мобилизира војници.
Во периодот на бугарската окупација Сотиривиќ два пати бил казнуван и тоа: шест месеци бил интериран во Крумовград, на бугарско – турската граница и во логорот во Чучулиново на физичка работа.
По неговото ослободување, се вратил во Битола, каде по ослободувањето продолжил да се занимава со адвокатска дејност, а од 1946 година, заедно со своето семејство се преселил во Белград, каде отворил адвокатска канцеларија и успешно ја продолжил адвокатската дејност. Работел до 1973 година кога и починал како активен адвокат.
Правната дејност на Сотировиќ ја продолжиле неговите синови. Едниот, Милорад Сотировиќ бил успешен и познат адвокат во Белград, а другиот проф. д-р Никола Сотировски беше професор на Правниот факултет во Скопје, Приштина и Битола и единствен професор на Правниот факултет во Скопје кој имал дипломирано на три факултети: Правен факултет во Белград (1948), Филозофски факултет во Белград (1952) и Факултет за споредбено право во Стразбур (1962). Проф. д-р Никола Сотировиќ има дадено голем придонес во развојот на правната мисла и откривањето на историјата на правото воопшто.
Извор: „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, Сотир Главинче, Никола Главинче, Битола, 2011г.
Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.