Атина до „Тројката“ испрати писмо со мерки за реформи
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Грчкото Министерство за финансии вчера до ЕУ, ЕЦБ и ММФ испратило писмо на три страници, со мерки за реформи што новата Влада има намера да ги преземе, соопшти грчкиот сајт Њузин.
Атина очекува до вечерва од овие европски институции да добие соодветни забелешки за предложените мерки, за внимателно да ги разгледа при составувањето на конечниот список што Владата на премиерот Алексис Ципрас утре треба да им го испрати.
Мерките, испратени до трите институции се во вид на политички предлози. Во нив се посочени начините на кои Владата ќе се бори со корупцијата, ќе ја преструктуира државата и ќе се избори со хуманитарната криза.
По вонредната седница на кабинетот премиерот Ципрас соопшти дека списокот со мерки за реформи утре ќе им биде испратен на партнерите од ЕУ.
Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изрази убеденост дека институциите – ЕУ, ЕЦБ и ММФ, претходно познати како „тројката“, ќе го одобрат списокот со овие мерки за реформи.
Посочениот список беше побаран од Грција откако Атина и нејзините кредитори од еврозоната во петокот постигнаа договор за продолжување на спасувачката програма за четири месеци, што за цел има да ја смири загриженоста дека Грција оди кон излез од еврозоната уште во текот на следниот месец.
По повеќе недели обвинувања и недоверба, Грција и нејзините кредитори од еврозоната во петокот постигнаа договор за продолжување на спасувачката програма – чекор што ќе ги смири црвените алармни светла дека Грција оди кон излез од еврозоната веќе од следниот месец, забележаа американските медиуми.
Спогодбата со еврозоната значи дека Грција нема да банкротира, барем во следните четири месеци на продолжување на програмата. За да ги добие останатите транши од програмата, меѓутоа, грчката Влада треба да претстави серија економски реформи, кои треба да бидат оценети како применливи од страна на кредиторите.
Извор: Утрински Весник