Правдико

   

АВМУ: Скандалозни решенија во измените на Изборниот законик

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува усвоените измени во Изборниот законик донесени вчера, по скратена постапка, во Собранието, а по претходен договор на лидерските средби на политичките партии.

Со измените, платеното политичко рекламирање за време на изборните процеси што досега учесниците во изборите им го плаќаа на медиумите од своите сметки, ќе се плаќа од Буџетот преку Министерството за финансии.

„Ако досега, трошоците за платено политичко рекламирање и неговиот обем по медиумите беа ограничени од финансиските можности на политичките субјекти, ваквото решение овозможува тие да се зголемат затоа што ќе се плаќаат од парите на граѓаните. Во европската пракса постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори, но за медиумите на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање, што не е случај во Република Македонија“, се наведува во соопштението.

Според АВМУ, новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати.

„Мешање во уредувачката слобода на медиумите е законското решение со кое учесниците во изборната кампања ќе ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо медиумите. И на крајот, наместо да се избрише обврската за мониторинг на медиумското претставување на интернет порталите по двегодишните укажувања од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија, граѓанскиот сектор и стручната јавност, затоа што е спротивна на европските стандарди, со измените обврски за мониторинг на порталите и се наметнуваат на Државната изборна комисија“, се вели во соопштението.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико