Балканот да го вклучи радарот за радикалниот исламизам
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Голем број безбедносни проблеми и закани во современиот свет се поврзани, на еден или друг начин, со исламскиот фундаментализам и со неговата доктрина и политика. Дека тоа е така говорат и предупредувањата во најновиот извештај на американскиот институт за мир, а кои се однесуваат на Западен Балкан, во чии рамки и Македонија. Во анализата на американскиот институт се наведува дека стапката на мобилизација на овие радикални структури во споредба со бројот на население е најзагрижувачка во нашето соседство, особено во Косово, Босна и Херцеговина и во Албанија.
Според извештајот, споредено со земјите во Западна Европа, регионот во кој се наоѓа и Македонија има голем број општини што се под влијание на оваа појава, која претставува основна за зачеток на тероризмот. Интересно е што во извештајот исто така се споменува и податокот дека дури една третина на борците што учествувале во конфликтот на Блискиот Исток доаѓаат токму од општините што се наоѓаат во пограничните региони меѓу Косово, Македонија и Албанија.
– Стапката на мобилизација во споредба со бројот на населението, особено во Косово, Албанија, Македонија, како и во БиХ, е мошне висока во однос на стапките во западноевропските земји, кои исто така се под влијание на овој феномен. Скопје, главниот град на Македонија, кој е во близината на Косово, е една од првите пет локации во светот по бројот на странските борци во редовите на Исламска држава – стои во извештајот од Вашингтон.
Во документот, без да се именуваат, се споменуваат пет македонски општини, од кои четири во близината на македонско-косовската граница, како бази на радикален исламизам и места со најголема регрутацијата на борци за Сирија и Ирак. Извештајот понатаму нотира дека овие места, но и другите општини во соседна Албанија и на Косово, се особено погодени од екстремизмот, што, според неговите автори, е резултат на отсуството на формално образование во тие краишта.
Со тоа делумно се согласува и универзитетскиот професор по безбедност Стојан Славески, според кого, регрутацијата за војните во Сирија и во Ирак е последица на бесперспективноста на младите. Но во однос на тоа дали Македонија може да биде загрозена од радикални групи, Славески неколкупати досега за „Нова Македонија“ образложи дека за тоа во моментов нема сериозен показател, кој би предизвикал дестабилизација на земјата.
– Македонија не е директна цел на тероризам на радикалните исламистички структури, кои сѐ повеќе се активни во Европа. Сепак, честата смена на првите луѓе во МВР може да придонесе кон послаба координација и да ни се случи некаков инцидент во таа смисла. Мојот апел е МВР, но и преостанатите безбедносни служби, во претстојниот период да се фокусираат повеќе на професионалноста, размената на информации и на извршувањето на нивните задачи отколку на политиката – истакнува Славески.
Професорот по безбедност смета дека во периодот што следува се потребни поголема будност и зајакната размена на информации, како на регионално така и на глобално ниво.
На оваа тема изминатиот викенд во Каиро говореше и македонскиот претседател Горѓе Иванов. Тој за време на работната посета на Арапската Република Египет на форумот што го организираа Александриската библиотека и меѓународниот центар „Низами Ганџави“, на тема „Демократската безбедност во време на екстремизам и насилство“, истакна дека државите треба и мораат да се борат со тероризмот и екстремизмот на начин што е конзистентен со правата и слободите на граѓаните. Иванов објасни дека од почетокот на овој милениум сме во отворена борба со глобалниот тероризам, а во услови на зголемени закани за кои меѓународните организации не можат да понудат решенија, интернационализмот се повлекува пред растечкиот национализам.
– За да победиме во борбата против тероризмот не се доволни воени трупи и технологија. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. Убиството и теророт не се резултат на религијата, туку на погрешното толкување на религијата, на неморалноста на поединците со стврднати срца, арогантни души и искривена логика. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контрарадикализација – рече Иванов.
Македонскиот претседател во своето обраќање ја посочи и потребата од надминување на двојните стандарди и селективниот пристап на медиумите што ги експлоатираат терористичките напади во Европа.
Извор: Нова Македонија