Балканските земји ја јакнат воената соработка преку Американско-јадранската повелба | Правдико

Правдико

   

Балканските земји ја јакнат воената соработка преку Американско-јадранската повелба

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Балканските земји работат на проширување на воената соработка преку Американско-јадранската повелба, но сѐ уште не се согласиле дали и кога ќе му дадат на Косово полноправно членство, велат експертите.

Adriatic partnership

Повелбата – која честопати се нарекува А5 – беше воспоставена во 2003 година како регионална иницијатива за решавање на заедничките безбедносни предизвици и унапредување на евроатланската интеграција на регионот.

Aлбанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина (БиХ), Македонија и САД се членки на Повелбата, додека Косово и Србија имаат набљудувачки статус.

Официјалните претставници од регионот дискутираа за прифаќањето нови членови на состанокот во Тирана минатиот месец. Албанија, која минатата година претседателствуваше со Повелбата, ја претстави апликацијата за членство за Косово.

Но, претставниците од БиХ ставија вето на апликацијата, бидејќи земјата не го признава Косово.

Покрај тоа, БиХ го презеде претседателствувањето со Повелбата минатата година.

„Мислам дека тоа е поради добро познатите факти, главно поврзани со признавањето на Косово и правно-националниот субјективитет на државата Косово“, рече албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати.

Косовските официјални претставници рекоа дека ситуацијата ѝ дава на земјата поттик да продолжи да учествува со уште поголема енергија во активностите на Јадранската повелба, бидејќи целта на Косово е да се трансформира од корисник на безбедноста во придонесувач кон безбедноста.

„Сметаме дека Јадранската повелба е, исто така, важно ,предворје’ во нашите подготовки за поголемите интеграции, како што е онаа во … НАТО“, изјави за SETimes Енвер Дуголи, косовски воен аташе во Албанија.

НАТО предупреди дека стратешкото опкружување е покревко отколку во претходните децении и дека скоро сите безбедносни предизвици се транснационални.

„Соочени со овие сложени предизвици, водачите на НАТО одредија јасна насока за иднината на Самитот во Велс. Алијансата ќе продолжи да биде силна, подготвена и способна да се спротивстави на секоја закана на кој било сојузник; ќе се погрижиме за тоа суштинската врска меѓу Европа и Северна Америка да остане апсолутно цврста. И ќе соработуваме потесно со нашите партнери на одржување на стабилноста на нашите источни и јужни соседи. Тоа ги вклучува и нашите партнери на Балканот“, се вели во изјавата на НАТО за SETimes.

Експертите рекоа дека воспоставувањето на Повелбата беше дел од визијата за интегрирање на Балканот во НАТО со САД како стратешки партнер. Истата стана и механизам за зголемување на интероперабилноста и приспособување на стандардите преку заеднички вежби и активности на соработка. Најзначајно достигнување на Повелбата е тоа што Хрватска и Албанија станаа членки на НАТО.

Албанските официјални претставници велат дека ќе продолжат да апелираат за инклузивност, бидејќи тие сметаат оти Повелбата претставува гарант за една поголема американска вклученост во безбедноста на регионот.

„Колку поскоро земјите од регионот, вклучително и Србија, одлучат дека тоа е единствениот и најодржлив пат за пристапувањето, толку подобро, за да не се создаваат празнини од безбедносна гледна точка“, рече Бушати.

Црногорските официјални претставници велат дека членството на Косово ќе биде многу важен придонес за регионалната безбедност, бидејќи ќе покаже дека регионот може да работи заедно на решавање на актуелните безбедносни предизвици.

„Целосно го поддржуваме членството на Косово во иницијативата. Исто така, ќе ја поддржиме и Србија, ако некогаш одлучи да се приклучи, бидејќи се работи за регионалната стабилност и безбедност“, рече црногорскиот министер за надворешни работи, Игор Лукшиќ, за SETimes.

Косово спроведе стратешка ревизија на својот безбедносен сектор и се очекува да ги трансформира своите безбедносни сили во целосно оформена армија, ако ги обезбеди гласовите на српските пратеници во косовскиот парламент.

„Имајќи го предвид фактот дека одобрувањето на овие два закони бара поголем политички консензус, сметаме дека ќе бидат најдени модалитети за нивно усвојување и со тоа ќе се отворат многу поголеми можности за Косово да се приклучи и да има полноправно членство во НАТО“, рече Дуголи.

Извор: SETimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико