Бејтула Асани може да се гони за загрозување на сигурноста и насилство | Правдико

Правдико

   

Бејтула Асани може да се гони за загрозување на сигурноста и насилство

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Основното јавно обвинителство Скопје доколку реши да покрене постапка има на располагање две кривични дела по кои може да го товари братот на Бекир Асани, Бејтула за заканите кон претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, велат правни експерти за НОВА.

Едното кривично дело со кое би можел да се соочи Бејтула Асани е загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот законик, во кој стои дека:

„Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со сериозна закана дека ќе нападне врз неговиот живот или тело или животот или телото на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци“.

Сепак, според правниците, ова не е единственото кривично за кое братот на Асани би можел да биде повикан на кривична одговорност. Тој, доколку ОЈО донесе таква проценка, би можел да одговара и за насилство, за што во Кривичниот законик е предвидена подрастична казна.

„Тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, стои во ставот 1 од членот 386 од КЗ.

Овде, според адвокатот Звонко Давидовиќ, постои и елементот на предизвикување на чувство на несигурност и загрозеност кај јавноста.

„Може да биде и ова кривично дело, бидејќи новинарите поради ова излегоа на протест пред Владата“, вели Давидовиќ.

Сепак, додава тој, за какво кривично дело би се гонел Асани доколку се отвори постапка, треба да одлучи Јавното обвинителство врз основа на видот на заканите и доказите.

Обвинителството вчера одговарајќи на прашање на НОВА, соопшти дека надлежен јавен обвинител ги повикал на разговор братот на функционерот на ДУИ и дека се преземаат дејствија за прибирање на потребните податоци.

Заканите на Бејтула Асани кон Селмани, беа упатени кога претседателот на ЗНМ, неодамна објави на Фејсбук критики кон Бекир Асани поради инцидентот кој го предизвика неодамна, напаѓајќи полицајка која им асистирала на пајак-службите додека му се отстранувало возилото за непрописно паркирање.

Веднаш по заканите на Бејтула, реагираше Насер Селмани со нова објава на Фејсбук дека нема да биде замолчен, по што пак, следуваше интервју на Бекир Асани, кој во интервју за Мактел, со погрдни зборови и сексистички го нападна претседателот на ЗНМ нарекувајќи го „копиле“ и „дно“.

Новинарите вчера, со цел да му искажат поддршка на првиот човек на ЗНМ, излегоа на протест, порачувајќи и на власта да ги задржи своите луѓе кои се обидуваат со вакви напади врз новинарите да ја замолчат јавноста, а особено по силните реакции законот да важи за сите и Бекир Асани да не биде имун на правдата откако ја нападна полицајката Јасмина Јаначковска, за што доби само прекршочна пријава од МВР.

Од Обвинителството се уште не соопштиле дали ќе го гонат функционерот на ДУИ за овој случаj.

Извор: НОВАТВ

Препорачуваме

Партнери на Правдико