Белгија сака да ги запре „божјите воини“
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Под строги мерки за безбедност во Антверпен, Белгија, се спроведува судскиот процес против осомничената терористичка организација „Шеријат за Белгија“. Групата е обвинета дека испраќала млади луѓе да се борат во Сирија.
Две мајки седат во преполната судница во Антверпен и тивко плачат. Едната поради тоа што нејзиниот син, еден од осумтеина присутни во судницата, е дел од групата од вкупно 46 обвинети членови на организацијата „Шеријат за Белгија“. Другата пак, поради тоа што очигледно нејзиниот син им припаѓа на оние кои во Сирија се’ уште се борат на страната на радикалните исламисти. Оваа мајка ја користи секоја пауза во судницата за да ја смири својата лутина и за да објасни како групата „Шеријат за Белгија“ можела да го заведе нејзиниот син да учествува во „светата војна“. Среде процесот влегува трета мајка, чиј син исчезнал и гласно му вели на основачот на оваа организација: „Ти си терорист, на совест го носиш мојот син и ќе платиш за тоа.“ 32-годишниот Фуад Белкасем, кој е доведен во судницата со лисици на рацете, се насмевнува со омаловажување додека четворица полицајци во цивилна облека ја водат жената надвор од судницата.
Поттикнување насилство со пораки за омраза
Дали Белкасем навистина е основач на терористичката организација би требало да се разјасни за време на најголемиот судски процес во Белгија одржан досега, кој се занимава со тероризам. За Државното обвинителство случајот е јасен. Имено, во обвинението се наведува дека Белкасем е одговорен за тоа што голем број млади момчиња решиле да се приклучат на терористичките организација „Исламска држава“ или Ал-Нусра-Фронт.
Според тврдењата на државната обвинителка Ен Франсен, постојат основани сомневања дека организацијата со пораки на омраза ги поттикнала своите членови на насилство. На лидерите на оваа организација, како Белкасем, само поради припаѓање на терористичка организација им се заканува затворска казна од 15 до 20 години.
По атентатот на еврејскиот музеј во Брисел, на крајот на мај, постои огромна загриженост дека радикализираните момчиња, кои учествуваат во борбите на траната на исламистите, по враќањето во Белгија ќе го донесат теророт дома. Во споменатиот напад се убиени двајца израелски туристи, една Французинка и еден Белгиец. Осомничениот атентатор е француски исламист, кој учествувал во борбите во Сирија. Набљудувачите кои го следат судскиот процес во Антверпен, поаѓаат од заклучокот дека белгиските власти со овој процес сакаат да ги исплашат новите потенцијални напаѓачи.
3.000 Европејци меѓу исламистите
Според извештаите на координаторот на ЕУ за борба против тероризам Жил де Кершов, во меѓувреме во борбите во Сирија и во Ирак на страна на исламистите се борат 3.000 Европејци. Белгиските власти проценуваат дека во нивната земја има околу 300 до 400 самопрогласени „божји борци“. Ако се спореди оваа бројка со вкупниот број белгиски жители, кој изнесува 11 милиони, тогаш станува збор за најголем процент самопрогласени „божји борци“ во Европа. Според тврдењата на Државното обвинителство, десетина од тие белгиски џихадисти ги мобилизирала организацијата „Шеријат за Белгија“.
Секако, да се изведат докази во овој процес е тешко. Тврдењата на Обвинителството главно се темелат на индиции. Има снимки на телефонски разговори, проценки на Фејсбук-страници и изјави на Жежоен Бонтинк. Тој е поранешен член на групата, кој не е само сведок во процесот, туку истовремено седи и на обвинителната клупа.
Главообвинетиот сака само да провоцира
Адвокатите на Фуад Белкасем се обидуваат да ја намалат неговата улога за она што обвинителството го товари. Видео снимка, оставена на интернет, во која овој поранешен автомеханичар бара уривање на еден од симболите на Брисел – Атомиумот и воспоставување калифат, според тврдењата на одбраната, ни помалку ни повеќе е провокативна од видео снимките на женските групи „Фемен“ или „Пуси рајот“. Одбраната, покрај тоа, наведува дека белгиската држава има вина бидејќи им овозможила на малолетници да патуваат во кризно подрачје.
Ваквиот став го дели и Петер Калуи. Овој поранешен социјален работник го познава главниот обвинет Белкасем уште од неговата младост. Калуи го следи овој процес како гостин, директно во судницата. Тој, секако, не верува дека тоа што белгиската држава потфрлила може да ги ослободи обвинетите. Но, зошто државата дозволила толку долго да делува една организација како „Шеријат за Белгија“ и за него претставува загатка. Уште пред 10 години предупредил дека Белкасем шири омраза, но властите едноставно ништо не преземале.
Една мајка, чиј син се’ уште се бори во Сирија, се согласува со Калуи. Станува збор за Росана Родригес, христијанка од Антверпен. Последно што слушнала од својот син е дека тој повторно сака да ја види дури откако ќе конвертира во ислам.
Извор: Deutsche Welle