Берлускони „болничар“ во старечки дом | Правдико

Правдико

   

Берлускони „болничар“ во старечки дом

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Поранешниот италијански премиер ќе треба еднаш неделно да работи во објект за грижа на лица со психофизички недостатоци.

Силвио Берлускони, медиумски магнат и трикратен премиер на Италија, треба да извршува општокорисна работа една година поради затајување данок. Берлускони ќе работи во старечки дом каде што ќе мора да се појавува барем еднаш неделно и да работи минимум четири часа.

4E12763985E8DA48811598B49969D064

Берлускони ќе ја отслужува казната во старечки дом што се наоѓа во близина на Милано. Тој ќе почне со „издржување“ на казната во наредните денови, изјавил за Си-Ен-Ен човек од блиското опкружување на Берлускони.

Домот за стари лица во кој е распределен Берлускони е раководен од фондацијата „Света фамилија“ и е основан во 1896 година од страна на католички свештеник. Фондацијата им нуди помош и се грижи за лица со психофизички недостатоци, а не само за лица во поодминати години.

Адвокатите на Берлускони велат дека казната е „задоволителна“.

„Одлуката на судот во Милано се чини дека е балансирана и задоволителна во однос на потребите на Берлускони за политичка активност“, оценија адвокатите Франко Копи и Николо Џедини.

Соопштената казна доаѓа осум месеци по пресудата за затајување данок. Во август минатата година Берлускони беше осуден на четири години затвор, но подоцна пресудата беше намалена на една година. Минатата недела адвокатите на поранешниот италијански премиер побараа нивниот клиент да врши општокорисна работа, наместо да биде во домашен притвор. Берлускони истовремено ќе мора да ја почитува мерката за ограничено движење.

На 77-годишниот италијански тајкун претходно му е одземен пратеничкиот мандат во парламентот и забрането му е да се кандидира на изборите во следните шест години. Берлускони беше прогласен за виновен за затајување данок во врска со случајот за купување на телевизиските права на неговата империја „Медиасет“ во текот на 1990-тите години од минатиот век и беше казнет и со парична казна од 10 милиони евра.

Поранешниот италијански премиер не беше испратен в затвор поради поблагиот казнен законик за постарите лица. Во меѓувреме, Берлускони повторува дека е невин. Тој се надева дека Европскиот суд за човекови права ќе ја поништи пресудата или дека барем ќе ја намали забраната за вршење работа во јавна служба.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико