Бесплатен јавен превоз во Скопје до намалување на аерозагадувањето
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Градот Скопје од денес воведува бесплатен јавен превоз во сите автобуси на ЈСП Скопје и кај приватните превозници за сите граѓани на територија на Скопје се до моментот на намалување на аерозагадувањето, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Коце Трајановски.
Превозот ќе биде бесплатен се додека нивото на аерозагадувањето не се намали до дозволеното ниво.
Град Скопје заедно со општините ќе ја интензивира контролата на градилиштата и ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари.
Овие мерките и препораките кои ги донесе Трајановски се во согласност со Законот за намалување на амбиенталниот воздух и во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а се во согласност со ингеренциите што ги има како градоначалник на Град Скопје.
Трајановски апелира до вработените во град Скопје да доаѓаат на работа со автобус, и додаде оти службените возила ќе ги користат исклучиво градскиот инспекторат.
– Доколку дозволат временските услови град Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат, рече Трајановски и додаде дека за тоа имаат доволен број возила и средства.
Според него, согласно постојните закони не може да се воведе мерката пар-непар. Трајановски апелираше до министерствата да се измени Законот, со што ќе се овозможи воведување на оваа мерка во град Скопје.
На прес-конференцијата тој рече дека градот Скопје изминатите денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 36 инсталации, со мерење на емисијата на ПМ 10.
– Притоа, е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности – рече Трајановски.
Додаде, дека комуналните инспектори на град Скопје во изминатиов период направија 1.000 контроли и изрекоа 12 казни на компании заради непочитување на одредбите на Одлуката за комунален ред во Скопје.
– Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација – рече градоначалникот.
Извор: Нова Македонија