Биографии на кандидатите за претседател на РМ | Правдико

Правдико

   

Биографии на кандидатите за претседател на РМ

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Помеѓу претседателските кандидати за изборите кои ќе се одржат годинава имаме четворица професори од различни области. Двајца од нив се фокусираат на истражувања во областа на политиката, еден работи во областа на социологијата, додека останатиот се занимава со биохемијата, молекуларната биологија и генетското инженерство. Четворица ителектуалци во трката за следниот претседател на Република Македонија. Следуваат кратки биографии на секој од кандидатите.

sovetnik-dr-zoran-popovski

Проф. д-р Зоран Т. Поповски е професор и научник кој работи на Институтот за анимална биотехнологија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, предава општа и клиничка биохемија на Факултетот за фармација и ГМО на Технолошко-металуршкиот факултет. Поповски е раководител на Катедрата за биохемија и генетско инженерство, додека на Технолошко-металуршкиот факултет има основано лабораторија за протеинска и ДНК технологија.

Работата на проф. д-р Поповски се фокусира на биохемијата, молекуларната биологија и генетското инженерство, во чии области има објавено над сто научни и стручни трудови. Во неговата богата кариера има престојувано и работено како гостински професор на повеќе реномирани универзитети во САД, Босна и Херцеговина, Италија и Шведска.

Во периодот од 2002 до 2006 година, Поповски бил на позицијата Државен секретар во Министерството за образование и наука. Тој е еден од лицата кои стојат зад Националната програма за развој на образованието од 2005 до 2015 и на Националната програма за развој на научноистражувачката дејност од 2006 до 2010 година.

Во истиот период додека бил на споменатата позиција, Поповски бил и член на Научниот комитет на НАТО и на Советодавниот одбор на Европската фондација за обука. Освен тоа, проф. д-р Поповски има пишувано колумни за повеќе медиуми, а автор е и на телевизиските серии „Опстанок во природа“ и „Нејзиното височество оцената“ и коавтор на серијата „Биолошко наследство на Македонија“.

 

Stevo-Pendarovski-1

Д-р Стево Пендаровски го добил своето високо образование на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде дипломирал и докторирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Магистерските студии ги завршува на Правниот факултет „Јустинијан први“ при истиот универзитет.

Д-р Пендаровски е вонреден професор на универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје. Во 1990-те години бил помошник-министер за внатрешни работи и началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи. Од 2001 до 2009 година бил советник за национална безбедност и за надворешна политика на двајца претседатели на Република Македонија, додека во 2004 и 2005 година бил Претседател на Државната изборна комисија.

Д-р Пендаровски има објавено повеќе научни и академски трудови и учествувал на бројни меѓународни конференции во и надвор од земјата.

 

GjorgeIvanov

Д-р Ѓорѓе Иванов го завршил своето високо образование на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој дипломирал на студиите по право, а за време на студирањето бил дел од повеќе младински организации преку кои се занимавал со политички активизам. Набргу започнала и неговата кариера во новинарството. Во овој дел од неговиот професионален живот, Иванов бил уредник на Третата програма во Македонската радио-телевизија.

Од 1995 година започнал да работи на универзитетот каде дипломирал. Таму Иванов магистрирал и докторирал. При работата на Правниот факултет „Јустинијан први“, Иванов помогнал во отварањето македонска академска заедница кон странските универзитети преку носењето модерна литература, политички списанија и поврзување со интернетот.

Проф. д-р Иванов бил гостински професор на повеќе универзитети во светот и учествувал во бројни меѓународни проекти. Покрај тоа, Иванов бил раководител на политичките студии и продекан на Правниот факултет „Јустинијан први“ во Скопје. Ѓорѓе Иванов е еден од основачите на првото македонско списание за политички науки – „Политичка мисла“, како и на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество во Македонија.

halimi

Илијаз Халими е професор по социологија во средно училиште во Тетово, каде работи долг период. Халими бил еден од основачите на првата партија на Албанците во Македонија, ПДП. Тој бил лидер на НДП, а потоа и потпретседател на ДПА.

Проф. Халими бил потпретседател на парламентот од 1998 до 2002 година, а бил и заменик-министер за одбрана. За време на одреден период, тој бил советник за образование и наука.

 

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико