Битолските адвокати го одбележаа Денот на Македонската адвокатура | Правдико

Правдико

   

Битолските адвокати го одбележаа Денот на Македонската адвокатура

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

По повод 16 јуни Денот на Македонската адвокатура, Адвокатската заедница Битола изврши реконструкција на спомен обележјата на адвокатските приправници и народни херои Никола Тодоровски (Коле Канински) и Јосиф Христовски  Ѕвончарот, кои се наоѓаат пред здрадата на Апелациониот суд Битола, а кои во 1981г. Адвокатската комора на Македонија ги подари и постави пред судот.

По тој повод на ден 16.06.2014г. делегација на АЗ Битола, постави свежо цвеќе пред спомен обележјата и на Светонеделските гробишта во Битола положи свежо цвеќе пред гробот на д-р Павел Шатев, иницијатор за основање на Адвокатската комора на Македонија, со што на скромен начин оддаде почит на овие значајни личности заслужни за македонската адвокатура.

photo2

 

Вреди да се спомене дека во Битола, како адвокатски приправници пред Втората светска војна работеле подоцна значајни револуционерни личности како што се Коле Канински и Јосиф Христовски-  Ѕвончарот.

???????????????????????????????Никола Тодоровски – Коле Канински (1914г., с.Канино). Основното училиште завршил во с.Барешани, а подоцна Гимназија во Битола. По завршувањето на гимназијата (1933г.), школувањето го продолжил на Правниот факултет во Белград каде завршил во 1938г.

Уште за време на студирањето Канински станува член на КПЈ во партиската студентска келија на Правниот факултет во Белград во 1936г.

По враќањето во Битола, кратко работи како адвокатски приправник кај адвокатот Војислав Протиќ. Задачата на Канински била да ги врши работите од адвокатската професија, собирање податоци и други материјали нужни за правното застапување, проучување на законите и други правни работи. Нешто подоцна се вработил кај битолскиот адвокат Александар Костиќ (Костов) – Кандилото, кај кого работел до доаѓањето на бугарската окупаторска власт. Во 1944г., од командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ станува политички комесар на Првата македонска народноослободителна ударна бригада.

На 22 јули 1944г., Канински загина во с.Буринец заедно со бригадниот лекар д-р Трифун Пановски, Иван Чанковски, командант на придружната чета и Наум Божиновски, политички командир на истата чета.

???????????????????????????????Јосиф Христовски – Ѕвончарот (1914г., Битола), бил студент на Правниот факултет во Белград и учесник во НОБ. Заедно со Стеван Наумов – Стив, Елпида Караманди и Таки Даскало е еден од четирите студенти од Битола, кои загинаа во 1942г. Основно учлишите и Гимназија завршил во Битола. Во 1938г., се вратил од Белград од факултетот и се вработил во Битола, заради помош и подготовка на револуционерното движење. Факултетот продолжил да го студира вонредно. Се вработил во автоматската мелница „Драгор“.

Бил иницијатор и секретар на месниот комитет на партијата. Како работник, кој дејствувал надвор од правото, ги организирал работниците на штрајкови, за што бил назначен како организатор. Во 1940г., бил упасен како сомнителна личност и протеран во концентрациониот логор Билеќа во Босна и Херцеговина. Истата година бил осуден во Белград од судот за заштита на државата на пет години робија, заради што бил упатен на издржување на казната во затворот во Сремска Митровица. Во затворот останал до август 1941г., кога политичките затвореници успеаа да побегнат и преминат во партизани. Но при неговото преминување од Србија во Македонија, загинал кон крајот на 1942г., во борба со окупаторот.

Во Битола почива и првиот министер за правда на Македонија, д-р Павел Шатев, иницијатор за основање на Адвокатската комора на Македонија.

Pavel_ShatevД-р Павел Шатев, кој што зад себе оставил значајни историски факти. Неговата поврзаност со Битола е во тоа што тој од 1949г., живеел во домашен притвор во Битола, каде на 30 јануари 1951г. и починал. Тој е роден во 1882г., во Кратово, и е еден од најзначајните личности во историјата на адвокатурата и Македонија, воопшто. Тој бил единствен преживеан гемиџија. Бил осуден на смртна казна и по три години чекање на извршувањето на казната во Солун во 1906г., истата му е заменета со доживотен затвор во Фезан,Сахара. Во 1908г., по Младотурската револуција, добил амнестија.

По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет „Libre” и се стекнува со научен степен доктор на правни науки. Од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Oбединета). Во 1934г., станува адвокат во Софија. Во 1941г., е упасен од бугарската полиција, а во 1942г., на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор. Избран е за делегат на Првото заседание на АСНОМ во 1944година, по што се враќа во Македонија.

Избран е за потпреседател на Президиумот на АСНОМ, а во април1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. По судирот со СССР за Инфорбирото, во 1949г., Шатев е уапсен како непријател на државата. Во истражниот затвор воСкопје престојува 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико