Бизнисмените да се прашаат пред носењето на законите, а не потоа | Правдико

Правдико

   

Бизнисмените да се прашаат пред носењето на законите, а не потоа

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Македонските компании многу често се соочуваат со измени на законите и воопшто на економските политики, поради што деловната клима станува непредвидлива и се создаваат дополнителни тешкотии во работењето и во планирањето на редовните активности. Иако законите треба да бидат иницирани од потребите на стопанството и на граѓаните, тие често се носат во скратени постапки и зад затворени врати, поради што неретко се случува законските решенија да бидат нејасни и неприменливи. Стопанствениците подолг период ја нагласуваат потребата од вклучување на деловните субјекти во изработката на законите, што ќе обезбеди нивно подобрување и нивна функционалност.

20112016221617_web_otvorena_vlada-banskoliev_-202

Тие се едногласни дека честите законски измени што се носат без соодветна комуникација со засегнатите страни, а во конкретниот случај со бизнис-заедницата имаат негативно влијание и дека ваквата состојба треба да се подобри.

Од Стопанската комора на Македонија (СКМ) велат дека консултациите со бизнис- заедницата за сите прописи што се однесуваат на нивното работење се од огромно значење, не само за компаниите туку и воопшто заради нивната ефикасна примена.
– Процесот на консултации при донесување на прописите функционира и имаме воспоставено институционална соработка со овластените предлагачи, но секако дека е потребно негово надградување. Затоа на овој план како комора работиме во континуитет и предлагаме мерки и активности што ќе придонесат за подобрување на регулативната рамка за начинот на консултирање на стопанството за прописите што се поврзани со нивното работење, но и за практично спроведување – објаснуваат од СКМ

Тие велат дека во согласност со интересите и барањата на своите членки секогаш се залагаат за задолжителна консултација на бизнисот при донесувањето на законите. Оттаму нагласуваат дека процесот на процена на влијанието на регулативата, вклучувањето на засегнатите страни во процесот на консултации, а особено воспоставувањето на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), се значајни чекори во насока на развој на квалитетна регулатива и придонесуваат за подобрување на можностите за активно вклучување на бизнис-заедницата во процесот на креирање политики.

– Меѓутоа, во моментов методологијата за процена на влијанието на регулативата во наредниот период треба да се надгради за да се овозможи подобрување на процесот на консултирање при подготовка на регулативата. Имено, во моментов процесот на процена на влијанието на регулативата функционира само еднострано, од аспект на спроведување процес на консултации на засегнатите страни за подготвените предлози на закони што потекнуваат од овластените предлагачи, но не е целосно уредена можноста бизнис-заедницата да иницира нормативно уредување на определени прашања или на измена на постојната регулатива – велат од СКМ.

Во истражувањето што го имаат спроведено во СКМ меѓу своите компании-членки е заклучено дека во постапката на донесување на различните подзаконски акти, најчесто на бизнис-заедницата не ѝ е оставена каква било можност да ги изнесе своите ставови и гледишта по предложените решенија, ниту активно да се вклучи во процесот на нормативно уредување на определени прашања – нагласуваат од СКМ.

Оттаму додаваат дека и при донесувањето закони по итна постапка, на стопанството не му е овозможено да се изјасни по предложените законски текстови.

– Во насока на подобрување на степенот на вклученост на бизнис-заедницата, за да се создаде недвосмислена, јасна и применлива регулатива, предложивме донесувањето закони по скратена постапка да биде применувано по исклучок. Исто така и надградување на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) треба да биде уредено на начин што ќе овозможи активно вклучување на бизнис-заедницата во процесот на креирање политики преку поднесување сопствени иницијативи и предлози – истакнуваат од СКМ.

Тие велат дека во моментов ЕНЕР функционира единствено во насока на електронско информирање на стопанството за постојните прописи и закони. Но тоа не овозможува активно вклучување на бизнис-заедницата во процесот на креирање политики преку укажување на потребата за законско нормирање на определени прашања, предлагање нови закони или нивно менување.

– Нашиот конкретен предлог е ЕНЕР да се надгради по примерот на естонскиот модел ТИД+ (тудеј ај дисајд) и словенечкиот модел на алатката „Предлагам“, на начин што ќе овозможи бизнис-асоцијации, здруженија на граѓани и фондации, организации, чии цели се насочени кон унапредување определени интереси, да можат јавно да поведуваат иницијативи за донесување законски и подзаконски акти или, пак, да се вклучат преку поднесување образложени предлози што јавно ќе се доставуваат преку електронскиот портал – велат од СКМ.

Покрај наведените механизми на консултирање на бизнис-заедницата при донесувањето на прописите што го засегаат нивното работење, комората оценува дека особено значајна алатка е и можноста за директно учество на претставник од бизнис-заедницата на седниците на Владата на РМ, во сите случаи кога се разгледуваат предлози за донесување закони за кои во процесот на влијание на регулативата (ПВР), меѓу засегнатите страни била идентификувана и бизнис-заедницата.

– Сето ова подразбира навремено информирање и можност за консултирање и повратно информирање за прописите наспроти практиката на консултирање на само неколку дена пред проследување на предлозите во натамошна постапка пред Собранието на РМ, кога бизнис-заедницата не е во можност со постојните механизми на влијание да реагира, а уште помалку да прифати определено мислење за измена или дополнување одреден пропис во последен момент – истакнуваат од СКМ.

Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков, компаниите, со посредство на стопанските комори и на здруженијата на работодавци можат да комуницираат со институциите. Тој вели дека тоа и сега се случува, но не во доволна мера и на секојдневна основа.

– Повеќе од потребно е вклучување на стопанството во донесување на законите, поради директното влијание на законите врз стопанството. Бизнис-заедницата треба да биде вклучена во донесувањето на законите и низ официјалнапроцедура, односно да може да поднесува иницијативи за промена на закони. Треба да се истакне функционалноста на економско-социјалниот совет низ кој може да се влијае на менување и дополнување на законите – смета Бошков.

Како што нагласува тој, комуникацијата што досега ја имаат стопанството и државата не е на доволно високо ниво, поради што, според него, можеби е потребно да се ангажираат професионални лобисти, како и поголема иницијатива на бизнис-заедницата за поднесување предлози за законски измени. Тој додава дека вообичаено извршната власт избрзува со носење закони.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико