Бизнисот со мигранти тежи 150 милиони долари
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Брод од Турција до Грција чини до 1.200 евра, Авганистанците плаќаат десетина илјади евра до Унгарија, Сиријците двојно помалку
Акцискиот план на Европската комисија за борба против криумчарите со луѓе, донесен во мај годинава, претрпе силен удар по двете минатонеделни трагедии во Либија и во Австрија кога стотици мигранти од Блискиот Исток беа пронајдени мртви. Јасните правила предвидени за безбеден и легален влез во Европската унија, како и соработката меѓу државите и јакнење на полициските и правосудни капацитети со цел шверцерите да бидат уапсени и процесуирани, барем засега, не ги даваат очекуваните резултати. Приоритет беше ставен и во следењето на трагот на парите, околу кои, всушност, се’ се врти. Според податоците на Одделот за дрога и криминал во Обединетите нации, криумчарите годишно заработуваат околу 150 милиони долари од шверц на луѓе од Африка до Европа. Вчераутро, малолетник од Сирија загина при обид да влезе во Грција откако се најде во вкрстен оган помеѓу пограничната полиција и криумчарите.
Според неофицијалните информации што ги пренесуваат медиумите, брод од Турција до Грција чини од илјада до 1.200 евра, додека Авганистанците плаќаат десетина илјади евра за да стигнат до Унгарија. Постојат различни модалитети на плаќање, па така, според овие извори, Авганистанците го плаќаат неформалниот состав на плаќање на рати. Парите се оставаат кај чуварот во Авганистан, а мигрантите контактираат со него и на крајот од секоја етапа му јавуваат да ја испрати следната рата. Еритрејците, на пример, бесплатно се пренесуваат во Судан, но потоа се држат во заложништво се’ додека семејството не плати откуп. Сиријците, пак, заминуваат преку Турција, каде што не им е потребна виза за влегување, а оттаму илегално заминуваат кон Грција, каде што се пренасочуваат кон Македонија, Србија, Унгарија, а потоа и кон нивните омилени дестинации: Германија и Шведска. Од контактите со нив, разбравме дека нивната тура чини околу пет илјади евра, но цената варира во зависност од кое подрачје во Сирија доаѓаат, односно начинот на транспорт до Европа.
„Зарем возачите на камионите се посилни и поорганизирани од европските држави“, се прашува германскиот канцелар Вернер Фејман.
Во меѓувреме, не се намалува притисокот од бегалци на македонско-грчката граница кај Гевгелија. Само во саботата, низ полициската евиденција минале 1.032 странски државјани, од кои 716 се мажи, 125 жени и 191 дете. Седумдесет отсто се Сиријци, следуваат Авганистанците, Ирачаните и Пакистанците. Од 19 јуни годинава, кога започнаа да важат измените во Законот за мигранти, вкупно 51.300 бегалци и мигранти го потпишале документот кој им овозможува тридневно непречено движење низ нашата земја.
Извор: Утрински Весник