Богоевски и пред нашето Обвинителство ќе го повтори истото за „Маѓар телеком“ од сведочењето во Њјуорк
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Обвинителството поведе постапка за случајот „Маѓар телеком“. Главниот сведок вели дека нема што да додаде на веќе кажаното пред судот во Њујорк.
Jавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по „допрен глас од јавноста“ одлучи да поведе предистрага за корупцискиот случај со „Маѓар телеком“ во кој се вмешани поранешни и сегашни високи функционери на Македонија.
Од Обвинителството засега има само потврда дека е отворена постапка, но нема конкретни имиња против кои ќе биде насочена истрагата. Оттаму не соопштуваат кој oбвинител ќе го води случајот, што планира да преземе во оваа фаза на постапката и колку лица ќе бидат осомничени и за кои кривични дела.
Повторното отворање на случајот со корупција дојде откако њујоршкиот суд го објави сведочењето на поранешниот прв човек на тајната полиција, Слободан Богоевски, во процесот против тројцата директори на „Маѓар телеком“.
„Не сум сигурен во ништо!“, вели Богоевски по објавувањето на веста дека и македонското обвинителство по „јавно допрен глас“ повело постапка. „Не знам дали ќе бидам повикан да сведочам. Јас еднаш веќе сведочев и доколку повторно бидам повикан, можам само да останам на тоа што веќе сум го кажал. Има премногу докази кои се тука и кои му се на располагање на обвинителот“, вели Богоевски за „Утрински“ и додава дека сето ова можело да се случи многу порано.
Богоевски во сведочењето изјави дека имал улога на посредник за да се заштити монополската улога на „Телеком“ на македонскиот пазар и дека побарал и добил привремен статус на заштитен сведок. Тој посочи дека во скандалот, освен грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, биле инволвирани поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Муса Џафери и дека во три наврати биле исплатени по 2,5 милиони евра.
„Обласниот суд во Њујорк како респектабилно го прифати сведочењето на Богоевски и тоа треба да се почитува. Мислам дека постојат 240 докази и дека тоа е сосема доволно за да се постапува“, вели лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов и појаснува дека тој истите докази му ги презентирал на премиерот Никола Груевски. Трајанов не сака да навлегува во причините поради кои Груевски не иницирал постапка за овој скандал.
Поранешниот премиер Владо Бучковски го негираше исказот на Богоевски, а Али Ахмети и Муса Џафери од ДУИ, како и Беким Земовски, кој се споменува како курир кои ги носел парите, најавија тужби, но досега никој од нив не повел никаква постапка против Богоевски.
Зошто Обвинителството поведе преткривична постапка по толку години, засега останува нејасно. Пред неколку дена, јавниот обвинител Марко Зврлевски изјави дека не планира да отвора истрага, бидејќи во судот во Њујорк се водела „граѓанска парница“ и дека не сака да го коментира случајот со „Маѓар телеком“.