Богоевски ќе покрене кривична постапка против Али Ахмети и Муса Џафери | Правдико

Правдико

   

Богоевски ќе покрене кривична постапка против Али Ахмети и Муса Џафери

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Поранешниот директор на ДБК, Слободан Богоевски, најави дека можно е да покрене кривична постапка против неговите сегашни тужители Али Ахмети и Муса Џафери.

„Нека заврши подготвителното рочиште и во зависност од одлуката во судот ќе процесуирам кривична постапка против тужителите и сите оние кои учествуваа во оваа постапка“, рече поранешниот директор на ДБК, Слободан Богоевски по завршување на подготвителното рочиште, во петок.

Инаку судот ги задолжи тужителите Али Ахмети и Муса Џафери да ги обезбедат сведоците, адвокат и нотар пред кои според нив поранешниот разузнавач ја дал изјавата и оргинален транскрипт од изјавата на Богоевски пред американските власти.

„Очигледно е дека се обидуваат да постигнат повеќе ефекти, да се правдаат пред електоратот дека се чесни, невини, да издејствуваат било каква пресуда тука во судовите, каде што порано по нарачки се донесуваа и да покријат кривична постапка со постапка за граѓанска одговорност, за клевета. Тоа е нон сенс, но во Македонија видовме се овие години, па се е возможно“, рече Богоевски.

Судот повторно не се произнесе по барањето на адвокатот на Богоевски, Валентин Зафиров за утврдување на надлежност на македонскиот суд.

„Според законите на САД, не може да биде тужен за клевета лице кое сведочи пред суд за изјава дадена таму. Целта на овие тужби против него беше во предизборието, беше да се оправдаат за тоа што се води постапка во САД пред својот електорат“, рече Зафиров.

Богоевски рече дека на 7 мај ќе патува во Америка, каде треба да биде изречена пресудата за случајот „Маѓар телеком“.

Следното подготвително рочиште во граѓанскиот суд е закажано за на 25 мај, а според тужбата, Богоевски треба да плати 3 милиони денари отштета за Ахмети и 2,5 милиони денари отштета за Џафери за изјавата пред американската комисија за хартии од вредност, како и пред окружниот суд во Њујорк.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико