Бугарија забрани бурки и друга облека која го прекрива лицето
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Бугарија, со гласање на пратениците, во петокот го усвои законот со кој на поголемиот дел од јавните простори во земјата се забранува носење на делови од облеката кои го прекриваат лицето, вклучително и бурките кои ги носат муслиманските жени.
Бугарската десна партија Патриотски фронт кон средината на јуни поднесе закон со објаснување дека бурките и другата облека којашто го крие лицето ја зајакнуваат заканата од тероризам. Нацрт законот предизвика жестоки дебати во парламентот, но сепак беше прифатен од мнозинството пратеници. Забраната треба да важи за јавните институции, места поврзани со безбедноста, образовни и културни институции, каде што се пружаат јавни услуги и места за масовна рекреација и спортски приредби.
Според иницијаторите на законот, носењето ваква облека може да го олесни извршувањето на терористички акти со потенцијално голем број жртви. Забраната нема да важи во приватните домови и официјалните места на кои се врши богослужба.
Предлог-законот мина неколку парламентарни комисии и читања во парламентот и беше одобрен од сите. Во меѓувреме, ваква забрана беше воведена во неколку градови во Бугарија на локално ниво. Еден од првите градови беше Пазарџик, каде што локалните власти веќе имаат изречено неколку казни за прекршување на забраната.
Во текот на гласањето, парламентарната група на партијата на турското малцинство ДПС, го напушти Народното собрание одбивајќи да учествува во носењето на, како што го нарече нејзиниот лидер Мустафа Карадаји, „Законот за забрана на бурките“.
Според одредбите од законот, казната за носење на облека којашто го прекрива или сосема го сокрива лицето на јавно место ќе изнесува 200 лева, или 100 евра за прво прекршување на законот, а 1.500 лева за секое народно непочитување на законот. Доколку, пак, лицето коешто ќе го наруши законот е носител на јавна функција, мандатната парична казна ќе изнесува десет пати повеќе, односно 2.000 лева и уште толку за секој натамошен прекршок.
Извор: Макфакс