Правдико

   

Бунтот во Гази Баба стивна, инспекциите на терен

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Бегалците кои престојуваат во Центарот за мигранти се жалат на лошите услови и бараат преместување во Центарот за азиланти.

28965EB9589E8343936D260703DF3419

Невладини организации и претставници на Народниот правобранител во текот на вчерашниот ден го посетија Центарот за мигранти во скопската населба Гази Баба, по информациите за бунтот на бегалците. Жителите кои живеат во близина на Центарот слушнале силно викање и снимиле видео на кое се слуша како мигрантите викаат „сакаме слобода“ на англиски јазик.

Протестите се случиле поради незадоволството на мигрантите од лошите услови и пренатрупаноста во Гази Баба и бараат да бидат префрлени во Центарот за азиланти во Визбегово, каде што ќе им биде олеснето движењето надвор од институцијата. Барањата и повиците најпрво ги слушнале жителите на Гази Баба, а за она што се случувало во Центарот први реагирале граѓански активисти од организацијата „Легис“. Тие ги повикале и побарале помош од УНХЦР, Црвениот крст и Народниот правобранител.

„Не е спорно дека лица кои се сместени во Центарот за мигранти негодувале, но тоа е речиси секојдневна појава. Наши претставници разговараа со мигрантите. Од разговорите е констатирано дека бараат да бидат префрлени во Центарот за азил во Визбегово, бидејќи се работи за сосема поинаков центар од оној каде што тие се сега сместени“, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.

Од полицијата велат дека засега се ограничени во дејствувањето, бидејќи некои од мигрантите е можно да бидат повикани како сведоци во судски процеси.

Народниот правобранител Иџет Мемети денеска најави дека случајот ќе биде испитан. Од Канцеларијата на Народниот правобранител потсетуваат дека уште во 2012 година ги констатирале проблемите со кои се соочуваат мигрантите, а се однесуваат и на лошите услови во Центарот, но се и од законска природа.

„Како што најави Народниот правобранител, наши екипи се во Центарот за мигранти со цел да го испитаат случајот. Кога тие ќе ја завршат својата работа, ќе биде изготвен извештај кој ќе биде соопштен на прес-конференција“, велат од Канцеларијата на Мемети. Од таму додаваат дека пред три години иницирале барање за промена на законската регулатива, но и за подобрување на сместувачките капацитети, односно подигање на условите за живеење на повисоки стандарди.

Извор: Утрински Весник

Партнери на Правдико