Бурната протестна ноќ во Скопје навестува жежок мај! | Правдико

Правдико

   

Бурната протестна ноќ во Скопје навестува жежок мај!

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Веста за протестите во Скопје ја пренесоа многу регионални, но и светски медиуми и агенции, меѓу кои Асошиејтед прес и Вашингтон пост. Дали во МВР функционира паралелна структура?

0,,18430905_303,00

Приведени демонстранти, повредени полицајци, новинари и фоторепортери, е билансот по вчерашниот протест (5.05), кој уследи по објавувањето на 29-тата „бомба“ на СДСМ за убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година. Полицијата пред полноќ насилно ги растера демонстрантите, а нејзината акција за приведување на учесници во протестот се прошири и во околните улици кои беа блокирани.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски, синоќа информираше дека во Ургентниот центар биле примени осум повредени полицајци и тројца цивили, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“ четворица полицајци, а во Градската општа болница „8-ми септември“ еден полицаец и еден цивил. Приведени се демонстранти, а Котевски најави дека повеќе информации МВР ќе соопшти денеска.

„Полицијата беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата“, изјави Котевски.

Уште ноќеска вработени од ЈП „Комунална хигиена“ почнаа да ја чистат фасадата на Владата, на која останаа скршени прозорци и видливи траги од фрлени јајца, домати, компири и камења, со кои демонстрантите го искажаа гневот кон власта. Беа запалени и неколку улични контејнери за смет.

Веста за протестите во Скопје ја пренесоа многу регионални, но и светски медиуми и агенции, меѓу кои Асошиејтед прес и Вашингтон пост.

Политиколот Горан Јованоски, смета дека синоќешниот протест е само лакмус за тоа во каква атмосфера ќе помине тековниот месец.

„Изразениот протест за ‘случајот Нешковски’ покажува акумулирано незадоволство од многу сфери и сегменти. Според структурата на учесниците во протестот, очигледно е дека зад протестот стои лепеза од разни видови социјално незадоволство, егзистенцијални или образовни проблеми. Кога гневот еднаш ќе се излее на улица, тешко е да се канализира, особено во општество каде е неможно тоа да се реши во институциите“, вели Јовановски.

Фуере: Време е за промена!

Во време кога тензиите меѓу демонстрантите и полицијата почнаа да растат, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, преку Фејсбук повика на смиреност и достоинствен протест.

„Како човек и политичар, ве повикувам и апелирам до сите Вас кои протестирате пред Владата на Република Македонија искажувајќи го вашиот гнев и незадоволство, тоа да го правите на мирен и достоинствен начин. Не дозволувајте вашето незадоволство да излезе од контрола, бидејќи мирот, стабилноста и материјалните добра мора да бидат сочувани. Имајте на ум дека 17 мај е денот на закажаниот сенароден протест, кога мирно и достоинствено, сите заедно ќе покажеме дека сме на страната на слободата, вистината, демократијата и правдата, дека сме на страната на Република Македонија. Не дозволувајте да бидете вовлечени во нешто што никој не го посакува. Истовремено апелирам до безбедносните структури на државата да бидат внимателни во извршувањето на своите задачи и да ја зачуваат безбедноста на сите оние кои во моментов протестираат“, напиша Заев на својот профил на Фејсбук.

Преку истата социјална мрежа се огласи и Ерван Фуере, поранешен шеф на Делегацијата на ЕУ во Македонија, со поддршка за учесниците во протестот.

„Нема камена палата, со колку дебели ѕидови да е, која ќе ги заштити оние кои се кријат во неа, кои ги изгубиле кредибилитетот и легитимитетот да останат на власт, од волјата на народот. Сега е времето за промена“, напиша Фуере.

Јанкулоска не чувствува одговорност

Промена и оставки од Јанкулоска, Груевски и целата Влада, побараа учесниците во синоќешниот спонтан протест. „Убијци“, „готови сте“, „оставка“, „спуштете ги штитовите“.., извикуваа демонстрантите, додека пред Владата беа емитувани аудио-снимките, според кои, врвот на МВР и премиерот барале начин како да сокријат од јаноста дека полицаец на служена должност го извршил убиството.

Гордана Jанкуловска, која вчера попладнето одржа вонредна прес конференција во Владата во ист терми со почетокот на протестот, ги слушна ваквите повици на демонстрантите, но изјави дека не чувствува одговорност за снимките што ги објави опозицијата, ниту дека планира да поднесе оставка. Таа реча дека опозицијата се обидела да манипулира со емоциите на граѓаните и дека разговорите што ги објавил лидерот на СДСМ се монтирани, сечени и лепени. Со сличен став се огласи и ВМРО ДПМНЕ. Од партијата велат дека снимките се монтирани, но и дека докажуваат оти полицијата работела на „случајот Нешкоски“.

„Очигледно е дека Зоран Заев и СДСМ свесни за силата на доказите кои говорат за нивното незаконско работење се обидуваат преку објавување незаконски стекнати, креирани, сечени и монтирани материјали да го свртат вниманието на јавноста само поради емоционалноста на темата на која, како и секогаш, и даваат неточен вовед“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелни полициски структури

„Случајот Нешковски“ го отвори прашањето дали дел од вработените во полицијата одговараат пред раководните структури на МВР или функционираат како параполициски структури под исклучива „надлежност“ на лица од личното обезбедување на премиерот. Кој контролира дали и колку тие ги почитуваат и исполнуваат професионалните стандарди за работа во МВР?

Горан Митевски, поренешен директор на Управата за безбедност и конраразузнавање, вели дека „бомбата“ за „случајот Нешковски“ ја покажува злоупотребата на службената положба и овластување кај повеќе службени лица во МВР.

„Очигледно е дека извршителот на убиството, Игор Спасов, како припадник на Единицата за специјални задачи ‘Тигар’ е вработен во неа надвор од сите критериуми за вработување во МВР. Тоа го потврдува Јанкуловска во еден од разговорите, со став дека ‘прашање на ден беше кога ќе направи вакво нешто’. Тој работел во цивилна облека спротивно на прописите во МВР, а бил повлечен од должност во Куманово по усна наредба на Дејан Митревски-Урко (телохранител на премиерот-н.з.) и е повикан во Скопје, што исто така е спротивно на подзаконските акти на МВР за употреба на ‘Тигар’. Сето тоа е без знаење на началникот Сашо Митевски – Хитлер, кој во МВР е донесен од АРМ иако таму извршил кривично дело за кое му е одземен чинот капетан. Фалсификувани се и повеќе службени белешки на МВР со цел да се прикаже дека Спасов во тоа време не бил на службена должност, туку приватно престојувал на митингот. Во фалсификувањето на белешките и прикривањето на убиството е вклучена и Анета Станчевска, началничка на Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди, која по кажувањето на Јанкуловска без проверка ќе ги прифати фалсификуваните службени белешки и дводневното прикривање на настанот. Сето ова покажува дека во МВР под команда на Урко и со знаење на Јанкуловска, е формирана паралелна полициска структура од лица кои надвор од сите критериуми се вработени и беспоговорно ги извршуваат задачите на лице, кое иако е вработено во Управата за обезбедување (6-та Управа), нема никакви надлежности над припадниците на ЕСЗ ‘Тигар’“, објаснува Митевски.

Вработени во МВР, кои сакаат да останат анонимни, потврдуваат дека има паралелни структури, кои се однесуваат „волунтаристички и моќно, бидејќи ги штити некој од горе“.

„Тие со широки рамења, кратки вратови и бричени глави, се примени надвор од сите критериуми стандарди. Како што покажа една од ‘бомбите’, токму такви лица беа ‘позајмени’ од Марин Протогер предизборно да ги средат работите во Охрид. Ако се сеќавате, тогаш Јанкулоска го праша ‘кај најде да ги земеш најголемите вагабонти од МВР’. Тоа е точно. Има многу такви вагабонти во полицијата. Но, бидејќи тие се примени за вршење ‘нестандардни задачи’ токму со знаење и на министерката и на премиерот, на тие насилници денес никој ништо не им може“, велат вработени од МВР. Според нив, Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди служи само за декор, нема самостојност во работата и постапува само по наредба на раководството.

Извор: Deutsche Welle

Препорачуваме

Партнери на Правдико