Правдико

   

Четворица обвинители реагираат: На Бобан Илиќ требало да му се суди за убиство

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Џелал Бајрами, Ферат Елези, Башким Бесими и Исмаил Дардишта се четворицата обвинители што денеска испратија писмо до јавноста со кое реагираат дека се против одлуката на кумановското обвинителство и кумановскиот суд на обвинетиот Бобан Илиќ да му се суди за тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот наместо за убиство на малиот Алмир.

„Во врска со настанот познат во јавноста како случај на малиот Алмир, ние јавните обвинители од Јавното обвинителство на РМ сакаме да ја информираме пошироката јавност дека со преквалификацијата на кривичното дело убиство, предвидено во член 123, ст. 2, т. 3 од КЗ на РМ во кривично дело од областа на сообраќајот, предвидено во член 300, ст. 2 во вв со член 297, ст. 1 од КЗ на РМ како тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е сторено повреда на основните начела на Законот за јавното обвинителство, како што се начелото на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што воедно се и основни и темелни вредности на Уставот на РМ.

Ние јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ уште од почетокот при реферирањето по овој случај во ЈОРМ сме имале став и сè уште остануваме на тој став дека обвинителниот акт КО бр. 697/2016 од 19.12.2016 година на ОЈО Куманово кореспонедира во целост со дејствата на обвинетиот како што и бил првично обвинет за кривично дело убиство предвидено во член 123, ст. 2, т. 3 од КЗ на РМ.

Ваквиот наш стручен став е образложен и на одржаните колегиуми во ЈОРМ во врска со овој настан“, стои во соопштението.

На обвинетитот Илиќ вчера Судот му го укина притворот, а од семејството на починатото дете повеќе пати преку протести реагираа на барањето за преквалификација од страна на Обвинителството. Судскиот процес се одвива речиси две години. 4-годишниот Алмир Алиу беше прегазен од автомобил по расправијата на неговото семејство со кумановецот Илиќ, која заврши со меѓусебна физичка пресметка.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико