Четврток, последен ден за легализација на дивоградбите | Правдико

Правдико

   

Четврток, последен ден за легализација на дивоградбите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Оние што поднеле барање во 2011 година треба да достават геодетски елаборат до крајот на оваа, а за новоподнесените барања рокот е крајот на 2017 година.

555C3578C2576A40BFE1BEBD75EE002C

Во четврток истекува последниот пролонгиран рок за поднесување барања за легализирање на бесправно изградените објекти. Услов за да се легализира дивоградбата е објектот да е изграден заклучно со 3 март 2011 година. Оние што поднеле такви барања во 2011 година треба да изготват геодетски елаборати и да ги достават до крајот на годинава, додека за новоподнесените барања рокот за елаборатите е до крајот на 2017 година. Барања за легализација до четврток ќе може да поднесат и компаниите што имаат инфраструктурни објекти, оптички, бакарни кабли, водоводи и друга инфраструктура.

Барањата се поднесуваат во општините на чија територија се наоѓа дивоградбата. Поради зголемениот обем на работа поголем дел од општинската администрација ќе работи со продолжено работно време во последните два дена од овој месец. За поднесување на барање потребни се следниве документи: имотен лист за земјиштето на кое е објектот, сметка од струја или вода платени до фебруари 2011 година, фотокопија од лична карта, пополнет образец за понесување на барањето и уплата од 300 денари.

Од почетокот на процесот на легализација во 2011 година до сега правен статус имаат добиено над 147.000 диво изградени објекти. Од Министерството за транспорт и врски велат дека толку решени барања се запишани во Катастар. Но оваа бројка сигурно е поголема со оглед на тоа дека има објекти што општините ги легализирале, но нивните сопственици не ги однеле решенијата во Катастар за да извадат имотен лист. Во претходниот рок, до 3 септември 2011 година беа доставени вкупно 360.000 барања за легализација на дивоградби.

Инаку, граѓаните постојано реагираат дека целокупната постапка околу легализацијата на бесправно изградените објекти трае премногу долго, од поднесување на барањето па до конечното добивање на решението. Сепак, од Министерството велат дека до нив не стигнуваат такви поплаки. Оттаму појаснуваат дека најголем проблем се геодетските елаборати и дека граѓаните откако ќе поднесат барање најчесто не го испочитувале рокот за доставување на елаборатот. Токму од тие причини беше донесена и дополнителната мерка да се пролонгира рокот за доставување на елаборатите за една година, со цел граѓаните да имаат доволно време за достава на елаборатите кои се клучен документ во процесот на легализација, а на геодетските фирми да ги изработат бидејќи со претходниот рок не можеа навреме да одговорат на сите поднесени барања.

Извор: Утрински

Препорачуваме

Партнери на Правдико