Членови на Конгресот бараат ФБИ да почне истрага против Трамп | Правдико

Правдико

   

Членови на Конгресот бараат ФБИ да почне истрага против Трамп

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Двајца демократски пратеници во понеделникот побарале од Федералното биро за истраги (ФБИ) да поведе кривична истрага против Доналд Трамп за притисок врз службеници да ги поништат резултатите од претседателските избори.

Викендов медиумите објавија снимка од телефонски разговор, која наводно покажува дека американскиот претседател го молел високиот изборен претставник од Џорџија, републиканецот Бред Рафенспергер, да ги поништи резултатите од изборите во таа сојузна држава тврдејќи дека сè што треба да се стори е да се најдат уште 11.780 гласа.

Во писмо до директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, демократот од Калифорнија, Тед Лиеу, и демократката од Њујорк, Катлин Рајс, тврдат дека доказите за изборната измама на Трамп се со јасна светлина.

„Како членови на Конгресот и поранешни обвинители веруваме дека Доналд Трамп бил вклучен во убедување или заговор за извршување многубројни изборни злосторства. Ве молиме, веднаш почнете кривична истрага против претседателот“, напишале Лиеу и Рајс.

Два месеца по претседателските избори во САД, Трамп одбива да признае дека ги загубил изборите од новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Сојузниците на Трамп поднесоа десетици тужби за поништување на изборните резултати во клучните држави со тесна разлика меѓу кандидатите. Речиси сите тужби беа отфрлени поради недостиг на докази.

Предвидено е утре (среда) Конгресот да се состане за да ја потврди изборната победа на Бајден пред претседателската инаугурација закажана на 20 јануари.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико