Дали Бугарија го сопре Јужен тек?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Веста дека Кремљ се откажа од изградбата на гасоводот Јужен тек изненади многумина. Не и економистот Илијан Василев, кој вели дека знае зошто малата Бугарија беше посочена како главен камен на сопнување.
Економистот и дипломат Илијан Василев, поранешен пратеник на Бугарија во Москва, не е изненаден од повеќекратното споменување на Бугарија во изјавата на Путин за крај на проектот Јужен тек. „Слични приказни беа кажувани и пред неколку години по повод изградбата на гасоводот Син тек меѓу Русија и Турција. Тогаш исто така се тврдеше дека откажувањето на Бугарија било основната причина да биде избрана алтернативна траса за првиот гасовод кој требаше да се изгради на дното на Црното море“, вели Василев и додава дека и тогаш, како и денес, одлуката дали цевките со рускиот гас ќе минуваат низ Бугарија зависела од надворешни фактори.
„Вистинската причина за откажувањето на Јужен тек се случувањата во Русија и цените на нафтата на светските пазари. Поради големиот пад на руската рубља, реализацијата на проектот достигна астрономски суми, и стана невозможна дури и во најоптимистичките сценарија. Тоа е едната страна. Од друга страна, Русија веќе доби пари од Кина за нивните заеднички енергетски проекти и сега треба да ги пренасочи инвестициите кон азиските проекти. Не се без значење и сериозно намалените приходи на Газпром кои говорат не само за актуелните проблеми на концернот, туку и за долгорочната тенденција за намалување на цената на гасот и количеството кое монополот ќе го добива и продава. Вистината за финансиската состојба на Русија полека излегува на виделина и веќе никаква геополотика на Кремљ нема да може да ја игнорира“, вели Василев.
Не се во ред ниту пресметките на Путин, според кои Бугарија ќе губи по 400 милиони евра годишно поради нереализацијата на проектот. Василев потсетува на изјавата на Путин од 2008 година при посетата на Софија, кога тој говореше дека Бугарија ќе заработува по 2-3 милијарди долари годишно од пренесувањето на гасот низ нејзината територија. Вистинска загатка е како се направени и првата и втората пресметка, бидејќи тие немаат темел во реалноста. „Проектот всушност имаше повеќе негативни страни, затоа што ние досега добивавме руски гас низ стари и амортизирани гасоводи за кои не плаќаме ништо. Но, за новиот гасовод веќе почнавме да плаќаме“, вели аналитичарот.
Василев смета дека приказните на Путин за причините за стопирањето на проектот имаат само една цел, а тоа е да се оправда пред домашната јавност стопирањето на проектот. А всушност, причината за стопирањето се погрешните економски и политички пресметки на руските раководители. „Путин има проблем да пренесува вести во кои делува како неуспешен лидер. Во такви случи, тој секогаш бара некаква виртуелна алтернатива, која треба да му го зачува образот на силен, мудар и непобедлив државник. Верен на таа тактика, Путин вчера ја прогласи Бугарија за губитник, на Брисел му закачи табла со натпис „Главен виновник“ и ја протурка тезата дека Турција и Грција ќе профитираат од исклучувањето на Бугарија од гасоводот“, смета Василев. Конечно, тој ваквите изјави ги припишува на тактиката „раздели па владеј“ кои имаат за цел да ги свртат државите едни против други.
Извор: Deutsche Welle