Дали и под кои причини се дозволува и се прифаќа продолжување на притворот? | Правдико

Правдико

   

Под кои причини се дозволува и се прифаќа продолжување на притворот?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

pritvorИако осомниченото лице може да биде оправдано лишено од слобода заради започнување кривичен процес против него/неа и/или заради спречување на правење прекршок, продолжувањето на притворот не може да трае во недоглед и да помине неконтролирано. Имено продолжувањето на притворот е предмет на судско разгледување, при што судот не ја оценува само оправданоста на притворот, туку и неговата соодветност со оглед на протокот на време.

Европскиот суд во Caballero против Обединетото Кралство пресудил дека постои прекршок на чл.5(3) бидејќи британскиот суд му одбил на апликантот (кој бил уапсен за обид за силување) можност за кауција, во согласност со британски закон според кој сите обвинети или осудени за убиство, убиство без предумисла и силување, се исклучени од можноста да бидат ослободени со кауција. За Европскиот суд спорно било што постоењето на ваквиот закон ги спречувало судовите да ги разгледаат индивидуалните околности на случајот, при одлучување за продолжување на притворот.
Имено, Европскиот суд признава четири причини за продолжување на притворот на осомниченото лице пред судењето:

• Ризик од бегство

За да се утврди ризикот од бегство е потребно да се испитаат сите релевантни фактори за одреден специфичен случај, што можат да сугерираат на таков ризик. Европскиот суд во повеќе наврати има нагласено дека фактот дека осомничениот може да го очекува строга казна, сам по себе не е доволен за продолжување на притворот. Други релевантни факти што може да бидат земени предвид се:

– претходни примери кога лицето избегало откако било обвинето за прекршок, ненаклонетост кон притвор, конкретни докази за планови за бегство, врски кои лицето ги има со друга земја, што може да го олеснат неговиот/нејзиниот план за бегство, непостоење на врски со земјата каде што е покрената постапката. Од друга страна, причини што го отежнуваат докажувањето на ризикот за бегство се семејството, моралот, карактерот и обврските на приведеното лице, обемот на сопственост што ќе треба да го остави зад себе, обемот на понудени гаранции дека ќе се појави на судењето и сл.

• Ризик од попречување на курсот на правдата

Ризикот се базира на можностите на обвинетото лице да ја минира подготовката на случајот против него/неа, со вршење притисок на сведоците,  нформирајќи други лица што, исто така, може да се под истрага, да се договори со некој кој е инволвиран во случајот како да одговорат на постапката, да уништи документи или материјални докази и на кој било друг начин да ја  попречи постапката. Но, самото апстрактно земање предвид на вакви ризици не е доволно за продолжување на притворот, туку мора да постојат и конкретни фактички околности.

• Потреба да се спречи кривично дело

• Потреба да се сочува јавниот ред

Европскиот суд ја призна оваа основа во случајот Latellier против Франција. Под оваа основа, влегува и грижата за заштита на самиот обвинет (доколку станува збор за некое кривично дело што би можело да предизвика немири во пошироката јавност или, пак, обвинетиот да биде жртва на роднините на жртвата). Сепак станува збор за вонредни околности, каде што треба да се покаже дека ослободувањето би резултирало со нарушување на јавниот ред во одредено време.

Кои други оправдувања се дозволени за лишување од слобода?

Притворот на поединци може да се примени во околности што не инволвираат кривични постапки. Тие се детално наброени во ст.1 од чл.5 и треба да бидат тесно толкувани:

• Заради неизвршување законски налог на судот или со цел обезбедување извршување на обврска пропишана со закон (став б).

Пример: Ако лицето нема да ја плати судската казна или нема да се појави како сведок; во случајот McVeigh, Комисијата има утврдено дека притворот е дозволен, со цел да се обезбеди исполнување на обврската на лицето при влез во Обединетото Кралство да одговори на испитувањето на службеникот;
лишување од слобода заради неисполнување на договорна обврска е забрането (чл.1, Протокол 4 на ЕКЧП).

• Притвор на малолетник врз основа на судско решение за воспоставување воспитна мерка или поради негово приведување пред надлежен судски орган (став г).
• Притвор со цел да се спречи ширење на некоја заразна болест, на ментално заболени лица, алкохоличари, токсикомани или скитници (став д)

Во случајот Witold Litwa против Полска, Европскиот суд се изјаснил дека не е дозволено притвор на едно лице само заради внесување на алкохол, доколку лицето не претставува закана за јавноста или, пак, без земање предвид на неговите/нејзините интереси (здравјето и личната безбедност). Дури и под вакви околности, за Судот не е прифатливо затворањето на апликантот во центар за трезнење, бидејќи не биле разгледани алтернативните мерки од домашниот закон (полицијата можела да го однесе дома).

Право на кауција

Во ст.3 од чл.5 е предвидено право на кауција (покрај монетарна гаранција, може да бидат побарани и друг вид на гаранции-предавање на пасошот, со што ќе се осигура присуството на обвинетиот на судењето) и постои силна презумпција во корист на истата. Постојат четири основи врз основа на коишто барањето за кауција може да биде одбиено: опасност од бегство, попречување на курсот на правдата, спречување на кривично дело и одржување на јавниот ред.

Право да се биде брзо информиран за причините за апсењето Содржана е во ст.2 на чл.5 и предвидува право на секој што е уапсен да биде информиран, на јазик
што го разбира, околу причините за апсењето и за сите обвиненија против него/неа. Во Fox, Campbell & Hartley, Европскиот суд се изјасни во поглед на природата на објаснувањето – треба да ги содржи суштинските правни и фактички причини за лишувањето од слобода, што понатаму би му овозможиле
на лицето да ја оспори законитоста на апсењето или притворот во судот.

Пример: треба да му се каже на лицето дека тој/таа се осомничени за вмешаност во кражба на нешто од одредена куќа на одреден ден. Понатаму, важно е објаснувањето да биде разбирливо и формулирано на неформален јазик, бидејќи многу луѓе немаат правничко образование или интелектуални капацитети да ја разберат сложеноста на правните и законски дефиниции. Објаснувањето треба да биде дадено брзо, па така за Судот е прифатлив интервалот од 24 часа, бидејќи понекогаш постојат практични потешкотии во комуникацијата, како обезбедување преведувач.

Право на пристап на притворените лица пред судски службеник и право на судење во разумен рок

Во ст.3 на чл.5 стои дека секое лице лишено од слобода ќе биде изнесено пред судија или друг службеник овластен со закон да врши судска власт. Терминот судија е јасен, но „друг службеник овластен да врши судска власт” е предмет на прецизирање и дефинирање во рамките на практиката на Европскиот суд. Во минатото се сметаше дека обвинителот е личност што ги задоволува овие критериуми, но практиката покажа дека обвинителот не може доследно да ја игра оваа улога. Основниот проблем со ова е фактот што обвинителот е страна во постапката, и како таков не може да се очекува дека ќе биде непристрастен и кога ќе ја врши судската функција во тој случај.

Право на обесштетување
Според чл.5, ст.5, оние коишто биле жртви на апсење или притвор спротивно од одредбите на чл.5, имаат законско право на обесштетување. Оваа одредба претставува посебен израз на една поопшта обврска содржана во чл.13 од ЕКЧП, што се однесува на обезбедување ефективен правен лек онаму каде што има кршење на загарантираните права и слободи. Барањата што ги поставува последниот став од чл.5 се:

• Правниот лек се бара пред судот, што значи дека мора да биде донесен со правна одлука. Така, правен лек пред други тела, како народен правобранител или ex gratia исплата од владата, не се задоволителни правни лекови.

• Во однос на формата на правната постапка според којашто ќе биде докажано правото на обесштетување, државата има слобода.

Извор:  УЧИМЕ право : клиничка програма, Младински образовен Форум

Поврзани статии:

– Прирачник за примена на мерката притвор

– Притвор пред судењето (Национална пракса и меѓународни стандарди)

Во кои случаи се определува мерката куќен притвор

Препорачуваме

Партнери на Правдико