Дефинирање на нееднаков третман и дискриминаторско однесување
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Правната дефиниција на поимот дискриминација подразбира нееднаков третман заснован врз определени лични особини или карактеристики (дискриминаторски основи), што вклучува неосновани класификации и диференцијации во даден правен контекст. Во областа на човековите права, терминот дискриминација претставува разлика во однос на уживање на правата засновани врз различни законски или неформално вградени основи и принципи.
Првобитното значење на поимот дискриминација доаѓа од латинскиот збор discriminare, кој значи „се разликува“, меѓутоа со текот на времето овој израз, особено во правото, добива негативна конотација на недозволен различен третман. Забраната за дискриминација заснована врз принципот на еднаквост е суштински предуслов за уживање на основните права и слободи што се дел од човековото постоење или се здобиваат како составен дел на социјалното, економско и културно живеење.
Дискриминација претставува секое активно или пасивно однесување на државен орган или приватни лица, кое значи определен облик на различен третман, исклучување, ограничување или давање привилегиран третман на поединец или група поединци во уживање на некое друго право или слобода, а кое е засновано врз некоја дискриминаторска основа. Различните термини, како што се, „дистинкција“, „исклучување“, „рестрикција или ограничување“ и „предност“ се користат за означување на различниот, пред сè, дискриминаторски третман.
Терминот „предност“ употребен во смисла на давање предност или привилегија укажува на тоа дека дејството на дискриминацијата не мора нужно да биде насочено против групата што смета дека е дискриминирана, туку тоа може да биде направено преку неоправдано промовирање и привилегирање на една група за сметка на друга група. Од друга страна, различниот третман што произлегува од определени афирмативни мерки на државата може да биде оправдан единствено доколку има за цел да воспостави определена фактичка еднаквост преку „давање привилегии“ на одредена група во општественото.