Дефинирање на говорот на омраза | Правдико

Правдико

   

Дефинирање на говорот на омраза

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

1682015-poster-1280-hatespeech-800x450Говорот на омраза подразбира изразување на омраза за определена група. Тој се користи за да се навреди едно лице преку расната, етничката, религиската или друга група на која тоа лице и припаѓа. Таквиот говор генерално настојува да ја осуди или обесчовечи индивидуата или групата или да изрази гнев, омраза, насилство или презир кон нив. Тој носи порака за инфериорност на членовите на односната група и осудува, понижува, и е полн со омраза. Практично, сите расистички, ксенофобични, хомофобични и други поврзани деклинации на идентитетско-напаѓачко изразување би можеле да се подведат под поимот на говор на омраза.

Имплицитно дефинирање на говорот на омраза е содржано во Препораката бр. R (97) 20 на Комитетот на Министри на Советот на Европа за „говор на омраза“ од 1997 година. Во Прилогот кон Препораката се истакнува дека терминот „говор на омраза“ треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло.

Европскиот суд за човекови права во своите пресуди кои се однесуваат на говор на омраза поаѓа од оваа дефиниција на говорот на омраза или неговото разбирање како говор кој ги опфаќа „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција“ . На пример, во случајот на Gündüz v. Turkey, Судот директно се повикува на Препораката на Комитетот на Министри од 1997 година и на дефиницијата на терминот „говор на омраза“ содржана во овој инструмент.

Кога зборуваме за поимот на говор на омраза потребно е да се напомене дека и покрај честата употреба на овој термин, не постои негова универзално прифатена дефиниција. Од расправите на стручњаците и многубројните предлози за дефинирање, можеме да извлечеме една синтетичка дефиниција која ќе биде пред се доктринарна:

Говорот на омраза е вид на изразување кое е дизајнирано да промовира омраза врз основа на раса, религија, етничка припадност, национално потекло, пол, сексуална ориентација, класа/социјално потекло, телесна или ментална попреченост.

● мета (таргет) на овој говор може да биде едно или повеќе лица кои припаѓаат на група која споделува определени карактеристики;или пак самата таа група

● заштитена карактеристика е карактеристика/особина споделена од групата, како на пример „раса“, религија, етницитет, националност, сексуална ориентација или друг таков заеднички идентитетски определувачки фактор.

Попрецизно, говорот на омраза како концепт се однесува на цел еден спектар на негативен говор, протегајќи се од говор кој изразува, поттикнува, повикува или промовира омраза, до повредливи зборови и епитети, па дури и (иако дискутабилно) екстремни примери на предрасуди, стереотипи и пристрасност. Покрај директниот говор, говорот на омраза вклучува и многу други форми на изразување, како на пример:

● јавно користење на навредувачки симболи (на пример свастика);

● нивно експлицитно прикажување на паради, протести, јавни обраќања и слично;

● палење на крстови (ова е карактеристично за Кју Клукс кланот во САД);

● палење на знамиња;

● испишување на графити ;

● лепење на плакати;

● делење и дисеминација на летоци со таква содржина;

● изразување преку ТВ и радио;

● и од поново време, изразување на Интернет.

Елементи на говорот на омраза

Европскиот суд за човекови права во својата практика разви неколку елементи на говорот на омраза: намерата, содржината, односно контекстот на изразувањето и забранетата последица .

● намера за ширење на омраза кон определена група. Говорот на омраза подразбира изразување зад кое стои намера за поттикнување, промовирање или оправдување на омраза кон лицата кои припаѓаат на определена група (расна, религиска или етничка група, ЛГБТ заедница и др.) Ваквата намера за поттикнување или промовирање на нетолеранција, расизам, хомофобија, насилство или друга омраза треба да се разликува од намерата за информирање на јавноста за прашања од општ интерес (така во случајот Jersild v Denmark50 документарното претставување на расистичка организација не е говор на омраза, туку е сторено со намера да се претстави една социјална појава што е од општ интерес за пошироката јавност)

● содржина/контекст на конкретното изразување. Проценката за тоа дали едно конректно изразување претставува говор на омраза ќе зависи како од содржината на тоа што е изразено, така и од конкретните околности на случајот, т.е. покрај содржината важен е и контекстот на конкретното изразување. На пример, дали изјавите ги дава политичар, новинар, уметник, обичен граѓанин, во кои околности, на кое место и во кое време итн.

● последици/забранети резултати од говорот на омраза. Говорот на омраза покрај тоа што причинува повреди на достоинството на лицето/ата на кое/кои се однесува, исто така е и говор кој има способност да доведе до нарушување на јавниот ред и мир или насилство и тоа како моментални инциденти или пак разгорување на насилство помеѓу односните групи во општеството, така и криминал од омраза кон лицата претходно таргетирани со говорот на омраза. Забранетата последица ги опфаќа општествено штетните консеквенции предизвикани со таквото изразување, при што е доволно да е предизвикана омраза кон други, иако изостанале и реални дејствија на предизвикување потешки последици.

Извадок од Публикацијата: Слобода на изразување и говор на омраза

Повеќе околку говорот на омраза прочитајте на следниот сајт: www.bezomrazno.mk

Поврзани статии:

– Слобода на изразување и говор на омраза

– Слободата на изразување и говорот на омраза гледани преку ЕСЧП

– Пресуди и одлуки во врска со говорот на омраза

– Правна анализа на концептот на казненото дело на омраза и говорот на омраза

– Разбирање на криминалот од омраза

Препорачуваме

Партнери на Правдико