Правдико

   

Дел од СИРИЗА бара Ципрас да го откаже договорот со ЕУ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за енергија, Панајотис Лафазанис, бара премиерот Алексис Ципрас да го повлече договорот со кредиторите пред да се донесат конечни одлуки во парламентот.

panayotis-lafazanis

Лафазанис, кој од самиот почеток е остар противник на барањата и на предлозите на европските институции и ги смета мерките за понижувачки, во пишана одлука коментира дека договорот е неприфатлив и оди против народната волја и наредба и против гордото „не“ на грчкиот народ.

Според него, не вреди овој неприфатлив договор да падне на товар на СИРИЗА и да биде запишан во историјата на оваа партија и на оваа борбена влада која вети укинување на меморандумите за штедење и на строгата рецесија.

Лафазанис забележува дека Грција сè уште има алтернативно решение за овој договор и истакнува дека дилемата со која кредиторите ја соочуваат Грција и се закануваат со катастрофа, не поминува кај грчкиот народ. Лафазанис, покрај тоа, јасно посочува дека тој и група од уште 30-тина пратеници планираат да гласаат против мерките и договорот во парламентот, но не планираат да си дадат самоиницијативно оставки.

Оставка досега даде само заменик-министерот за надворешни работи, Никос Хундис, кој секако ќе ја напуштеше владата за да оди на место на европратеникот Манолис Глезос во Европарламентот.

Сè уште е неизвесно какви чекори ќе преземе Ципрас за иднината на владата која изгледа целосно поделена и нестабилна во овој момент.

Неговиот коалициски партнер, Панос Каменос, го оцени притисокот и наметнатите мерки како пуч од европска страна врз Грција и отворено изјави дека е против договорот, но ќе остане заедно со владата и во поддршка на Ципрас, креирајќи уште поголема неизвесност околу тоа каква е иднината на оваа кревка владина коалиција.

Низ грчките медиуми се вртат бројни сценарија.

Според весникот „Катимерини“, можно е Ципрас да се воздржи од владини промени додека не се изгласаат мерките. Весникот посочува дека ќе се оди на тоа прво да поминат мерките и да одат на одобрување во другите европски парламенти, а потоа ќе се прават чекори за реконструкција. „Катимерини“ забележува дека Ципрас би сакал да ја задржи владината коалиција СИРИЗА-Независни Грци, дури и без да има силно парламентарно мнозинство, земајќи предвид дека ќе ја има поддршката од Нова демократија, ПАСОК и од Река за гласање и за усвојување на мерките.

Меѓутоа, реакциите од бројни пратеници на СИРИЗА дека тие што нема да го поддржат Ципрас треба да заминат и треба да има реконструкција, покажуваат дека државата ја очекуваат нови политички перипетии што ќе доведат до нови тектонски промени на политичката сцена.

Мерките, освен што го разоруваат единството на СИРИЗА, ги враќаат и демонстрантите на улиците.

Утре на улица и на 24-часовен штрајк ќе излезат членовите на синдикатот, а аптеките ќе бидат под клуч поради протест на фармацевтите кои реагираат на мерката да се дозволи продавање лекови и во поголемите продавници, што сметаат дека ќе им зададе голем удар на аптеките.

Народот уште чека во редици пред банките, без да знае со сигурност кога тие ќе отворат. Засега е познато дека банките и утре остануваат затворени, со можност оваа одлука да продолжи да важи и понатаму.

Извор: Мета.мк

Партнери на Правдико