Демократијата и либерализмот на блискиот исток | Правдико

Правдико

   

Демократијата и либерализмот на блискиот исток

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Democracy-FreedomКонцептот на демократијата ни е општо познат на сите, а нејзините предности и слабости се доста видливи и осетливи. Арапската пролет која што ги зафати поголемиот дел од земјите на блискиот исток, го остави останатиот дел од светот да се запрашува што понатаму, како да се имплементира концептот на демократијата (и се што тој носи со себе) во земји и култури кои што претходно немале допир со демократските вредности и принципи.

Прашањето кое се поставува тука е првенствено за политиката која ја имаат западните држави спрема блискиот исток. Пред се, се мисли на нивната постојана навика да се обидуваат, често со помош на сила, да ги воведат демократските вредности, во земји и култури кои скоро и да немаат никаква идеја што е тоа. Со цел да се спроведе, а под тоа се мисли на успешно спроведување на демократијата и владеењето на правото, во места како што се Ирак или Сирија на пример, најпрво е потребно да се либерализира барем до некој степен и самото општество. Не е можно да се воведе ново демократско уредување, слобода на говор, и слободни избри, таму каде што тие претходно не постоеле, тоа не е процес кој би можел да се изведе преку ноќ.

Демократијата во својот најдобар облик, во денешно време, може да успее само на места каде што постои веќе воспоставено и одржливо либерално општество, без него целиот концепт е осуден на неуспех. Уште на самиот почеток, мора да се истакне фактот дека не може постои исламска или христијанска демократија, но само демократија како таква, воспоставена во едно толерантно и слободоумно општество. Всушност и самиот концепт би бил успешен, и би го добил својот најдобар облик само доколку постои во една таква средина.

egyptian_revolution_by_ammardesigns-d39843wНајдобар и најнов пример на неуспешен обид за имплементација на демократијата во една од земјите опфатени со Арапската пролет е Египет. Во држави како Египет, Ирак или Сирија, обидот за воспоставување на слободно и демократско општество е осуден уште на самиот почеток.

Во овие држави, демократското уредување е нешто што е непознато за поголемиот дел од населението, кое е во главно навикнато да живее под власта на популистички диктатори. Доколку се воведе во некоја од пост-револуционерните држави на блискиот исток, уредувањето кое со себе ги носи слободните избори и слободата на говорот, постои една тенденција која постојано се повторува, радикалните групи да победат на првите организирани слободни избори, за подоцна со добиената власт и моќ, да направат обид за елиминација на цела опозиција.

Тоа е примерот со Тунис, Либија и речиси насекаде каде што Арапската пролет веќе успеа да создаде промени (на подобро или полошо). Сите знаеме, што би значело доаѓањето на власт за одредена радикална група, секој апарат на државата би бил во нивни раце, додека пак воведувањето на шеријатското право, блиска реалност. Дискриминацијата на малцинствата, а под ова најнапред се мисли на христијаните, но и на останатите малцински религиски групи, би станала на некој начин и државно санкционирана дискриминација, нешто што веќе се случува во државите зафатени од Арапската пролет.

Доколку се воведе концептот на демократијата во држави како овие, исламистичките групи ќе победат и впрочем победуваат на првите организирани, слободни избори, не затоа што имаат најбројно членство или најголем број на симпатизери, но затоа што тие се подобро организирани, подобро мотивирани, и се подготвени да дејствуваат брзо и без двоумење со цел да ја добијат власта, и целиот државен апарат кој што доаѓа со неа.

democracyСлободата на говорот, слободата на религијата, граѓанските права, родовата еднаквост, слобода на печатот, слободни и фер избори, листата во овој поглед е широка и може да оди до недоглед, сепак фактите остануваат да бидат тие, дека се тоа е поврзано, не само на концептот на демократија, но многу повеќе и со концептот на либерализмот во целина. Западниот свет, пред се, САД се обидува повеќе 20 години да создаде слободни и демократски општества во земјите од блискиот исток, но очигледно сеуште не е дојден моментот, кога некој би се осмелил да воведе било какви либерални идеи и размислувања во тие земји.

Затоа што, една работа е да се воведат демократските идеали кај луѓе кои скоро и да немаат идеја што се тие, а сосема различна работа да се промовираат и воспостават либералните идеи на слобода и еднаквост, пред се, слободата на вероисповест и еднаквоста помеѓу половите. Како што ни покажува историјата, земјите од блискиот исток можат да ја прифатат демократијата како таква, но истата ја злоупотребуваат, и во голем дел, скоро се што е направено во тие држави, е направено “во име на демократијата” и за “нејзино добро”.

Тоа е во најголем дел и причината зошто малцинствата во овие држава, и религиозните групи како христијанството и христијаните во целина на Блискиот Исток, кои уживаа релативна слобода за време на “суровите” диктатури на тој регион, сега се во катастрофална положба. Христијаните на пример, кои претставуваат некаде околу 15% од египетското општество, се подложни на секојдневна дискриминација, која по ерата на Мубарак, дојде до едно ново повисоко ниво, христијаните во таа земја доживуваат нов степен на омраза против нив.

Дури и во Сирија, каде што западните лидери би сакале да интервенираат во име на опозицијата, малцинствата уживаа, и до некој степен сеуште уживаат одреден степен на слобода под режимот на Ал-Асад. Токму во тоа е и суштината, Египет денес е само номинална демократија, слична на Либија или Тунис по револуциите, но номинална демократија, не е вистинска демократија. Општество кое не се води од принципите на либерализмот, неможе да стане демократско преку ноќ.

Идеите на либерализмот со себе ги носат и идеите за еднаквоста, рамноправноста и слободата, слободата на вероисповест, на можноста да се биде различен од мнозинството, да се размислува поинаку од останатите, тоа се идеи на кои општествата во овој дел од светот, очигледно сеуште не се подготвени. Не затоа што немаат доволно потенцијал за нив, напротив, бидејќи нивното искуство со овие слободи кои доаѓаат сами по себе, не биле претходно искусени во нивната блиска историја. Навистина, не е едноставно да се донесат и да се воведат нови принципи, идеали и концепти во култури кои не се лесно прилагодливи, бидејќи на некои места се работи и за антички култури, со традиции и вредности создавани низ вековите.

Либерализмот и демократијата не се контрадикторни концепти, ниту пак е либерализмот во потполност потребен за да функционира едно слободно општество, но на места како блискиот исток, тој е навистина потребен, бидејќи без неговите принципи, вистинското функционирање на демократијата во овие земји е во најголем дел, невозможно да се оствари.

Автор: Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико