Деспотовски: Компаниите за 15 дена да кажат дали во сопственичката структура имаат лице на јавна функција
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, денеска на прес-конференција ги повика компаниите во рок од 15 дена да се изјаснат дали во сопственичката структура имаат лице носител на јавна функција по скандалот за злоупотреби при доделувањето грантови на јавниот повик.
Деспотовски истакна дека секоја компанија има право да аплицира и да се повлече. Тој додаде дека сè уште договорите не се потпишани и нагласи оти сопственичката структура не била критериум за оценувањето во рамките на повикот.
„Сопственоста на компанијата не е критериум за одлучување, ние не сме истражен орган. За оние компании за кои ќе се утврди дека има судир на интереси, ќе побарам од комитетот повторно да ги разгледа. За следниот јавен повик во апликацијата ќе предвидиме секоја компанија да се декларира дали има член на јавна функција во неговото потесно семејство“, рече првиот човек на Фондот за иновации и технолошки развој.
Деспотовски дополни дека процесот е транспарентен и не одговори на прашањето дали лично тој смета дека постоел конфликт на интереси.
„Не е моја улога да ценам дали има конфликт на интереси, функционерите се изјаснија и јас имам потполно разбирање за реакцијата на јавноста“, рече директорот на Фондот.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал претходно информира дека оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој.
Извор: Макфакс