Детали околу предложениот закон за отпис на каматите за долгови од неплатени сметки
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Како резултат на светската економска криза и социјалната положба на голем дел од населението во 2010 година се донесе Законот за изменување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 88/10), со цел да се реализира трансферот на старите извршни предмети од судовите кај извршителите.
Имено во Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување се креираше системот на трансфер на извршните предмети од судовите кај нотарите и извршителите кои треба да продолжат со спроведување на извршувањето. Со Законот за изменување на Законот за извршување , е пропишано дека започнатите постапки за извршување до денот на примената на овој закон ќе се извршуваат според Законот за извршната постапка најдоцна до 1 јули 2011 година. Воедно се пропишува дека предлозите за извршување поднесени пред 26 мај 2006 година кои не се правосилни и предлозите за извршување поднесени врз основа на веродостојни исправи за кои не е донесено правосилно решение за извршување, судот ќе ги предаде на постапување кај нотар, кој постапува како повереник на судот, по што извршувањето би продолжило кај извршителите.
Од ново настанатата законска регулација илјадници семејства во Република Македонија се жртви на процедурите за наплата, кои поради тоа што се оптоварени со низа недоследности и завршуваат на нивна штета.
Имено согласно законските решенија за долгови стари и по една деценија, за кои граѓаните воопшто не знаеле, сега се наплатуваат десеткратно повисоки суми од страна на извршители.
Најмногу тужени се за парично побарување по фактури за услуги од вршители на комунални дејности (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, радиодифузна такса, трошоци за редовно одржување на заеднички делови на зграда што се во етажна сопственост) и за услуги кои се дават на корисници на вода од страна на вршителот на водостопанска дејност (наводнување и одводнувања).
Бидејќи во тој период настанал правен вакум односно законска непокриеност, ниту судовите можеле да постапуваат ниту пак, нотарите можеле да ја преземат својата надлежност за донесување решенија врз основа на веродостојна исправа. Во тој период многу граѓани не знаеле дека за нив има поднесени нови предлози за присилна наплата на комуналии или други слични обврски. Значи, и да сакале да си ја исполнат обврската, не биле известени, а од друга страна што е многу позначајно, граѓаните биле ставени во неповолна позиција да им тече камата без нивна вина.
Од незначителен долг за ненаплатена сметка за комунални услуги, по многу години поминати од добиената услуга добиват огромни сметки во кои е вклучена и самата камата.
Со Предлог законот за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабелски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности (електрична и топлинска енергија, вода и смет), телефонија, мобилни и кабелски оператори, радиодифузна такса, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 25 мај 2006 година, трансферирани кај нотар или извршител согласно одредбите на членовите 13 и 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија “ број 83/2009) и членот 1 од Законот за изменување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија “ број 88/10).
Предмет на овој закон е отпис на затезната, односно казнена камата која се однесува на главниот долг и трошоците на постапка и истата подлежи на отпис од моментот на поднесување на тужба за наплата на паричен долг (присилна наплата) пред надлежен суд до конечна исплата на паричното побарување вклучувајќи ги и трошоците на постапка од страна на должникот.
Право на отпис на камата ќе може да бара секое физичко лице – должник кој ќе изврши уплата на главниот долг и трошоците (судски, нотарски, адвокатски, трошоци на извршување) на постапката во рок од 12 месеци од денот на објавувањето на Одлуката на Управниот одбор на доверителот.
Доверителите основани од Владата на Република Македонија и општините и градот Скопје кои се во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје вршат отпис на побарувањата по основ на наплата на затезната односно казнената камата по главен долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата (го платиле главниот долг и трошоците во рок од 12 месеци од одлуката на Управниот одбор на доверителот).
Доверителите кои се во приватна сопственост, доброволно одлучуваат преку своите органи на управување, за едностран опис на побарувањата по основ на наплатата на затезната односно казнената камата на главниот долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата (го платиле главниот долг и трошоците во рок од 12 месеци од одлуката на Управниот одбор на доверителот).
Постапка за отпис на каматата
Стекнатото право на отпис на камата , должникот- физичко лице го остварува со поднесување на барање до доверителот. Кон барањето должникот приложува и доказ за извршена исплата на главниот долг.
Доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести должникот по писмен пат со препорачана пратка на адресата која е регистрирана кај доверителот, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата.
Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен веднаш , но не подоцна од 8 дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот.
Нотарот при повлекување на барањето за трансфер на предметот, постапува согласно член 74 од Законот за нотаријат.
Извршителот при повлекување на барањето за трансфер на предметот од судот го запира извршувањето согласно со член 93 став 1 алинеа 4 од Законот за извршување.
Формата и содржината на барањето ќе биде објавено и изготвено од страна на министерот за финансии.
Висината на наградата и надоместокот на извршените трошоци за работата на извршителите и адвокатите, по предмети кои произлегуват од услугите утврдени со овој закон, не може да надмине 20% од нивните предјавени и утврдени трошоци.
Висината на наградата и надоместокот на процесните трошоци за работата на нотарите и адвокатите, по предмети кои произлегуваaт од услугите утврдени со овој закон, не може да надмине 20% од нивните предјавени и утврдени трошоци.
Предлог законот е во собраниски процедура, а целосниот текст можете да го погледнете ТУКА