Девојка и момче вршеле кражби во семејни куќи и училишта во Скопје | Правдико

Правдико

   

Девојка и момче вршеле кражби во семејни куќи и училишта во Скопје

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Деветнаесетгодишна девојка и 18-годишно момче од Скопје добија кривични пријави поради тоа што се товарат дека во текот на минатата година извршиле повеќе кражби на територијата на град Скопје.

Имено, скопската полиција до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 19-годишната Ј.К. и 18-годишниот Н.Ѓ. од Скопје под сомнение дека Ј.К. извршила три кривични дела, од кои две тешки кражби и едно кривично дело прикривање, а второпријавениот извршил осум кривични дела, од кои две тешки кражби, една тешка кражба на дрзок начин и пет кривични дела кражба. Како што информираат од полицијата, со извршување на овие кривични дела пријавените стекнале вкупна противправна имотна корист од 212.000 денари.

Според информациите, првото кривично дело пријавените го извршиле заедно во временскиот период од 31 март до 6 мај минатата година во куќа на улицата Ниџе Планина на тој начин што Н.Ѓ. со физичка сила насилно ја отворил влезната врата, по што двајцата влегле во куќата и украле разновиден златен накит. Украдените златни предмети Ј.К. ги продала во златарница во Старата скопска чаршија, а добиените пари ги поделиле меѓу себе.

Второто кривично дело исто така го извршиле заедно на 20 мај минатата година во куќа во село Долно Лисиче. Откако Н.Ѓ. дознал дека домаќинот со фамилијата е на семејна веселба и во куќата нема никој, заедно со Ј.К со патничко моторно возило „фиат пунто“ дошол до куќата каде што насилно ја отворил вратата и украл пари и златен накит. Украдените златни предмети првопријавената повторно ги продала во истата златарница.

Третото кривично дело Н.Ѓ. го извршил на 22 мај минатата година на булеварот Јане Сандански, на паркинг каде што со мотоцикл се приближил до една случајна минувачка и ѝ го скинал златното синџирче, меѓутоа не успеал да го земе бидејќи паднал на земјата, а во раката му останал само златниот приврзок, кој го зел со себе и подоцна заедно со Ј.К. го продал во златарницата во Старата Скопска чаршија.

Четвртото, петтото и шестото кривично дело пријавениот Н.Ѓ. ги извршил на 30 мај минатата година на улицата Васко Карангелески во основно училиште „Љубен Лапе“ на тој начин што незабележан од никого влегол во училиштето и на првиот кат дошол до училиница која била празна и од три ранци украл три мобилни телефони по што го напуштил местото на настанот.

Седмото кривично дело пријавениот Н.Ѓ. го извршил на 5 септемнври минатата година на улицата Пушкинова, повторно во основно училиште, овој пат во „Кирил Пејчиновиќ“. Тој, додека траела наставата, влегол во незаклучената канцеларија на педагогот и дефектологот и од бирото украл еден мобилен телефон, а од чантата извадил паричник и од него одзел пари по што го напуштил училиштето. Истиот ден украдениот мобилен телефон го продал на непознат купувач на Бит-пазар.

Осмото кривично дело Н.Ѓ. го извршил на 4 октомври 2017 година на булеварот Трета македонска бригада, поточно во средното училиште „Владо Тасевски“, така што влегол во училиштето и искористил шанса, додека сите биле на настава, од канцеларијата на педагогот да украде женски паричник во кој имало пари и лични документи по што го напуштил училиштето. Украдените пари ги потрошил за свои потреби, а паричникот со документите го фрлил во тревата на булеварот Србија.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико