Џафери: Договорот со Грција во Службен весник по референдумот заедно со Законот за јазици | Правдико

Правдико

   

Џафери: Договорот со Грција во Службен весник по референдумот заедно со Законот за јазици

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Официјалниот дел на кампањата за референдумот ќе започне на 10 септември, а во кампањата ќе учествуваат сите оние кои што сакаат да учествуваат, а во кој контекст ќе учествуваат, дали ќе го поддржат или ќе бојкотираат или ќе повикаат да се гласа против зависи од нив, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

-Веќе скоро три децении, граѓаните на Република Македонија без разлика на нивната етничка и верска припадност околу 80 отсто се за ЕУ и НАТО и во контекст на тоа очекувам да се зголеми излезност на гласањето за референдумското прашање. Секогаш сум оптимист и јас им верувам на граѓаните дека ја сфатиле потребата да излезат на референдумот, да ја искажат и докажат нивната волја за влез во ЕУ и НАТО – рече Џафери.

Според него, објавувањето во Службен весник на законот за ратификација на спогодбата со Грција, кој претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише, би се случило по референдумот и би одело во пакет со законот за јазици.

-Имајќи ги во предвид сите околности сметам дека најпогодно време за објавување на законот за ратификација на Договорот со Грција во Службен весник е откако граѓаните ќе се изјаснат на референдумското прашање затоа што во некој контекст сиот успех на спогодбата зависи од одлуката на граѓаните што ќе ја донесат на референдумот. Ако се објави едниот закон ќе се објави и другиот, не може различно да бидат објавени законите кога основот е ист а тоа е непотпишувањето на законите од страна на претседателот Ѓорге Иванов – потенцира Џафери.

Во однос на уставните измени кои што треба да следуваат ако референдумот биде успешен, Џафери апелира да се оди чекор по чекор односно прво да се почекаат резултатите од референдумот кој е првата фаза од процесот а потоа да се дискутира за наредните фази.

Џафери не сакаше да коментира хипотетички прашања што ќе се случи доколку не успее референдумот или доколку повеќето од граѓаните се изјаснат „против“, но потенцираше дека најмалку е потребно да има предвремени парламентарни избори.

Собранието овие денови ќе заврши со официјалниот дел на работните обврски со што пратениците, како што рече Џафери, по летните одмори на работа ќе се вратат по празникот Успение на Пресвета Богородица на 28 август што значи дека првата наредна седница ќе биде на 29 или 30 август.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико