Џафери побара обезбедувањето да го тргне Ѓорчев од говорница | Правдико

Правдико

   

Џафери побара обезбедувањето да го тргне Ѓорчев од говорница

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Седницата на Собранието на Република Македонија попладнево на кратко беше прекината откако претседателот на законодавниот дом Талат Џафери побара од обезбедувањето да го отстрани од говорница пратеникот Владимир Ѓорчев.

 

Ѓорчев кој прво побарал реплика, побара и процедурално да се обрати. Џафери му посочи дека побарал реплика и оти му дава збор да реплицира, но Ѓорчев инсистираше да се обрати процедурално.

Со оглед дека немаше добиено збор за процедурално, службите му ги исклучија микрофоните, а Џафери побара тој да ја напушти говорницата. Отако тоа не го направи, Џафери побара обезбедувањето да го тргне од говорница, но во тој момент околу него застанаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери потоа ја прекина седницата и даде пауза.

Претходно, додека траеше расправата за Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2015 година, пратеникот Илија Димовски процедурално, побара претседателот на Собранието Талат Џафери да свика итна седница за, како што рече, акутната состојба со загадувањето во Струга предизвикано од горњето на депонијата, со цел, како што рече, актутната состојба да не почне да личи на хроничните состојби во некои други општини.

Побара Џафери да се обрати до Владата и да побара таа да достави информација за оваа состојба и потоа во најкус рок да свика седница со единствена точка на дневен ред.

Џафери истакна дека како Собрание имаат и обврска и можност тоа да го направат. Но, како што рече, потребно е Владата да достави материјал за да може седницата да се закаже, или пак, како што рече, информација да подготват пратениците, за итна постапка, согласно Деловникот.

Рече дека покрај закажување нова седница, има можност таа точка да се вметне на седницата закажана за 3 јули, бидејќи, како што рече, согласно Деловникот на секоја втора седница треба да има точка која ќе биде предложена од опозицијата.

Димовски посочи дека доколку до 16 и 30 часот Владата не достави информација, тогаш пратениците тој и неговите колеги ќе го направат тоа.

Собранието денеска во рамки на 5. седница го разгледува Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2015 година.

Во Извештајот за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2015 година, за кој претходно се расправаше на седницата, Советот посочува дека за ефикасна работа е потребно, покрај просторни, материјално – технички и административни услови, и вклучување на сите релевантни институции предвидени во системот на правда за децата и подобрување на меѓусебната соработка заради поголема ефикасност во примената на постапките кон децата.

Бара и да се формираат општински совети за превенција на детско престапништво, кои ќе изработат годишна програма и да доставуваат Извештај за својата работа до Државниот совет, сите министерства и институции вклучени во системот на правда за децата, да ги усогласат своите активности со мерките и насоките предвидени во оперативниот план за спроведување на Националната стратегија за превенција на малолетничко престапништво.

Според Советот, потребно е унапредување на системот за собирање на релевантни податоци од страна на институциите, воспоставување електронски бази за собирање на податоци во институции каде што не е воспоствен овој систем, редовно и уредно внесување на податоците во електронските бази, спроведување обуки за стручните лица во институциите вклучени во системот на правда за децата за примена и доставување на овие податоци…

Меѓудругото, потребно е центрите за социјална работа да развијат соработка со општинските совети за превенција на детско престапништво во делот на иницијативи и вклученост во развивањето на ресурси за мерки за помош и заштита на децата на локално ниво, како и унапредување на правото на детето на водење на разговор во посебни простории во полициските станици каде постојат и иницирање за отварање и опремување на нови простории согласно стандардите.

Во расправата по Извештајот пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска истакна дека поранешната власт не направила многу во оваа сфера и оти Советот немал ниту елементарни услови да функционира, а како што рече, не биле формирани ниту локални совети за превенција на детско престапништво. Според неа, лоши се условите и за згижување на овие деца, но и голем дел од нив немаат пристап до здравствена заштита. Наместо тоа, рече, власта трошеше пари за непотребни скапи проекти како Скопје 2014.

На ова реагираше пратеникот Димитар Стевананџија, кој ја потсети пратеничката дека нејзината партија сега е на власт и истакна дека наместо да говори за тоа што било треба да работи работите да се променат. Време е, рече тој, се што ветувавте да стане реалност, да ги решите проблемите за кои неколку години тврдите дека се таложеле, да им дадете на сите граѓани бесплатно здравство, а на лекарите специјалисти 100 илјади денари како што ветивте пред изборите.

На дневен ред на оваа седница како последна точка на дневен ред е изборот на заменици – министри на Владата. Оваа точка по барање на пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ вчера беше поместена како последна на седницата со цел пратениците да имаат повеќе време да се подготват за дебата.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико