Правдико

   

Дипломатски инцидент меѓу САД и Кина на самитот на Г20

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Дипломатски инцидент меѓу Кина и САД го засени почетокот на дводневниот самит на Г20 во кинескиот град Хангжу, кој, според западните набљудувачи, Пекинг ќе се обиде да го искористи да се претстави како светска суперсила. Кинеските власти меѓутоа беа обвинети од САД дека предизвикале дипломатски инцидент, принудувајќи го шефот на американската држава Барак Обама да излезе од „задникот на претседателскиот авион“ пред почетокот на глобалниот самит.

05092016091342_web_2_format_43

Кинеските власти со црвен тепих пречекаа повеќе светски лидери, како премиерите на Индија и на Британија или претседателите на Кина, Јужна Кореја и на Бразил, но Обама, кому ова му е последен глобален самит пред истекот од мандатот, мораше да се симнува од задниот излез на леталото што поретко се користи, и тоа главно кога има зголемени безбедносни ризици, зашто не добил подвижни скалила на главната врата. Обама на крајот се симнал на црвениот тепих на пистата на аеродромот во Хангжу, но потоа избила жестока расправија меѓу кинеските и американските функционери, а еден кинески претставник бил уловен на камера како вика „ова е наша земја, ова е наш аеродром“. Расправии меѓу функционери од Белата куќа, припадници на тајната служба и членови на протоколот на САД, од една страна, и кинески функционери, од друга, за „отстапувањето од протоколот“ и за „пристапот на новинарите што можат да го следат настанот“ имало и пред самата средба на Обама со кинескиот претседател Си Џинпинг, па можело да се слушне „ве молиме смирете се“ од американска страна и „ве молиме, престанете, новинарите се тука“ од кинеска страна, пренесува лондонски „Гардијан“.

Конечно, Белата куќа соопшти дека Обама и Си на средбата пред официјалниот почеток на самитот имале „искрени“ разговори за најспорните прашања меѓу двете земји, од трговските односи, сајбер-безбедноста, хакирањето, човековите права и верските слободи, до ситуацијата во Јужно Кинеско Море, при што Обама побарал Кина да ја почитува пресудата на меѓународниот суд во Хаг за територијалниот спор во Јужно Кинеско Море, која Пекинг веднаш ја отфрли, а е во полза на Филипините. Како што пренесува „Гардијан“, претседателите на САД и на Кина зборувале три часа и се согласиле барем за едно прашање, а тоа е глобалниот климатски договор од Париз 2015 година.

Бившиот амбасадор на Мексико во Кина, Хорхе Гахардо, за „Гардијан“ тврди дека Кинезите точно знаеле што прават и уверува дека не станува збор за грешка.
– Тоа е новата кинеска ароганција и јакнење на кинескиот национализам. Тие сакаат да кажат дека Кина ѝ се спротивставила на суперсилата – вели тој.
И американскиот експерт за кинески прашања Бил Бишоп смета дека Кинезите намерно се обиделе дипломатски да го игнорираат претседателот Обама.
– Изгледа како да сакаат да кажат „гледајте, можеме да го натераме американскиот претседател да излезе од задникот на авионот“ – вели Бишоп.

Од друга страна, кинеските власти тврдат дека немало намера за дипломатско игнорирање на Обама и инсистираат дека американската делегација инсистирала да не се користи предниот влез од леталото и црвениот тепих.
Инаку, лидерите на Г20 имаа повеќе билатерални средби на маргините на самитот, кој вчера официјално го отвори домаќинот, кинескиот претседател Си. Тој во говор на почетокот од средбата порача дека Г20 треба да преземе низа мерки за да се овозможи заздравување на глобалната економија и за да се избегне протекционизмот.

05092016091528_main_grafika_a_web_01

Извор: Нова Македонија

Партнери на Правдико