Правдико

   

Добро екипирана јавнообвинителска служба е предуслов за независно и ефикасно јавно обвинителство (инфографик)

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Јавнообвинителскиот систем на Република Северна Македонија не може да функционира ефикасно и независно без добро екипирана, професионална и компетентна јавнообвинителска служба. Оваа служба, според закон, треба да ја сочинуваат стручни службеници, потоа истражители за криминални дејствија, и технички и помошен кадар.

Функционалната анализа на јавнообвинителскиот систем на Република Северна Македонија изработена како дел од проектот „Зголемена ефикасност и ефективност во испорака на правдата преку подобрување на перформансите на институциите во правосудството” имплементиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи – ЦПИА и Прајсвотерхаус куперс Македонија, а финансиран од UK aid преку Владата на Обединетото Кралство, ги утврди следните наоди и препораки во делот за функционирањето на јавнообвинителската служба:

Според сегашната систематизација на ниво на целото јавно обвинителство, предвидено е јавнообвинителската служба да има 1.109 вработени. Но, фактички пополнети се само една третина од овие предвидени работни места, односно 349 вработени или 31 отсто.

Кадровската неекипираност директно се одразува врз ефикасноста во работата на јавнообвинителската служба. Големиот број непополнети работни места, особено раководните позиции во службата, влијаат на кохезивноста, независноста и квалитетот во работата на јавното обвинителство како целина.

Дополнителна пречка е тоа што, како што е наведено во анализата, методологијата според која е изработена систематизацијата на работните места во службата не кореспондира со реалните потреби на работата, па оттука не може да се изведат релевантни заклучоци во однос на тоа каков ефект врз работниот процес има пополнетоста од 31 отсто.

Двата документи според кој е организирана јавнообвинителската служба, Правилникот за внатрешно работење и Правилникот за систематизација не се усогласени, па во моментов е неможно да се каже со сигурност колкав број на вработени се потребни за непречено и независно функционирање на службата.

Еден од суштинските проблеми во јавнообвинителската служба е непополнети работни места во рамки на раководната структура. Така, од вкупно седум сектори во службата, раководител е поставен само во еден сектор – за финансиски прашања. Но, и покрај тоа, анализата покажала дека предложените средства во рамки на предлог буџетот на ЈОРСМ за вработувања во обвинителството во најголем дел од случаите не се одобруваат од страна на Министерството за финансии. Ова придонесува службата да се доведе во ситуација во која реално не може да вработува нови лица.

Секторот за информатички технологии во јавнообвинителската служба, на пример, треба да има еден раководител и уште десет вработени, но во моментов има само еден вработен на позиција советник за развој и поддршка. На ниво на целото обвинителство има уште тројца вработени со договор на дело кои вршат работа поврзана со информатичка технологија, еден во вишото јавно обвинителство во Скопје, и по еден во Штип и во Битола.

Во моментов, поради тоа што не се поставени раководни лица односно обвинителствата немаат секретари, за вработените административци не е возможно да се спроведе ниту дисциплинска постапка бидејќи согласно закон и Правилникот за систематизација, ваква постапка се води пред комисија составена од генерални секретари, додека во реалноста постои само еден генерален секретар.

Препораки за решавање на проблемите

  • Да се консолидира правната рамка за јавнообвинителската служба и да се изработи нова стратегија со цел квалитетно и непречено функционирање  на службата
  • Да се пополнат раководните позиции на ниво на секретар и раководители на сектори предвидени со систематизациите во сите јавни обвинителства
  • Да се изедначи статусот на јавнообвинителските службеници кои работат во јавнообвинителската служба;
  • Да се изработи нова систематизација согласно однапред дефинирани мерливи индикатори
  • Да се воспостави функционален систем за  дисциплинската одговорност, оценување и непречено вработување

Извор: Мета.мк

Партнери на Правдико