Доброто управување во Романија го вклучува и граѓанското општество | Правдико

Правдико

   

Доброто управување во Романија го вклучува и граѓанското општество

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Романија треба да обрне повеќе внимание на групите на цивилното општество и на граѓаните, што можат да понудат експертиза во борбата против корупцијата, велат експертите за SETimesпо објавувањето на Светските индикатори за управување за 2013 година на Светската банка, извештај што го оценува квалитетот на управувањето во 200 земји.

2011_12_31_steag_ro-ue

Податоците од 2013 година, кои се најсвежи, покажуваат дека Романија остварила напредок во пет од шесте индикатори, имено: политичка стабилност и ненасилство, ефикасност на управувањето, регулаторен квалитет и контрола на државата и на корупцијата, споредбено со остварувањата регистрирани во 2012 година.

Сепак, извештајот нагласува дека Романија забележува назадување во застапеноста и одговорноста, индикатор што го претставува учеството на граѓаните во изборот на владата, слободата на говорот, на здружувањето и на медиумите.

Коментирајќи го извештајот, Септимиус Парву, експерт за добро управување при „Експертфорум“, водечки романски тинк-тенк, вели дека за поголем успех во областа на застапеноста, властите треба повеќе да се потпираат на граѓанското општество.

„Невладините организации можат на Владата и на парламентот да им понудат експертиза, но таквиот придонес во Романија се игнорира. Следствено на тоа, она што го гледаме е раѓање на неформални групи што добиваат на големина и ставаат поголем притисок на централно и на општинско ниво. Ова се луѓе што се потпираат на каузи“, рече тој за SETimes.

Илјадници Романци излегоа на улиците во различни градови да протестираат за она што тие го нарекуваат намерни бирократски пречки што ги спречија Романците во странство да гласаат во двата круга претседателски избори во ноември. Илјадници лица со часови чекаа во колони пред амбасадите и конзулатите во Париз, Торино, Лондон, Минхен и во други големи западни градови и не беа во можност да гласаат пред затворањето на гласачките места во 21 часот, што предизвика гнев во странство и дома.

Властите тврдеа дека законот ги спречува да отворат повеќе гласачки места, но Централната изборна комисија го отфрли тоа, велејќи дека постои законски простор за таква мерка.

„Такво нешто, поставување бирократски механизми за блокирање на можноста на граѓаните да гласаат, не мора да се случува во ЕУ. Ова е загрижувачка слика на системот“, посочи Парву, додавајќи дека капацитетот на Романија за добро управување е засенет од страна на хаотичниот легислативен процес.

„Сведоци сме на донесување итни владини уредби на секои три дена, одлуки што се носат преку ноќ. Фискалниот законик беше изменет 100 пати на нетранспарентен начин, без консултации со бизнис-заедницата“, рече тој.

Романските официјални претставници велат дека последниот индикатор на којшто земјата постигна полош резултат отколку во 2012 година се однесува на серија проблеми со коишто властите не се зафатиле.

„Медиумите се во голем дел под политичка контрола, при што многу малку независни мислења успеваат да испливаат во јавноста. Истовремено, говорејќи за квалитетот на застапеноста, овој индикатор драматично страда бидејќи парламентот блокира правосудни истраги против законодавците“, вели Кристијан Преда, член на Европскиот парламент и поранешен декан на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Букурешт, заSETimes.

„Главниот проблем на Романија лежи во неможноста на политичките елити да се оттргнат од коруптивните мрежи“, додаде тој.

Европската комисија постојано го повикува романскиот парламент да го укине имунитетот за законодавците што се сомничат за корупција и да му ги предаде на правосудниот систем. Оваа препорака ја има во речиси сите извештаи за напредокот на правдата во Романија, во рамките на Механизмот за соработка и за верификација што го воведе Брисел во 2007 година, кога Романија и Бугарија станаа членки на ЕУ.

Унијата и понатаму внимателно ги набљудува антикорупциските напори во двете земји.

Во меѓувреме, подобрениот перформанс на петте индикатори е директна последица на западниот притисок по политичката криза во летото, 2012 година, најлошата состојба што Романија ја пребродила во посткомунистичкиот период, рече Преда.

„По катастрофата во 2012 година, кога владеењето на правото и политичката стабилност беа доведени во опасност, беше многу тешко да не се забележи определен напредок во 2013 година“, додаде тој.

Пред две години, новоинсталираната владеачка коалиција предводена од премиерот Виктор Понта, се обиде да го исфрли претседателот Трајан Басеску од власт со загрозување на фундаменталните демократски принципи, на големо разочарување на партнерите од Западот, кои интервенираа. Басеску беше отповикан, но наскоро се врати на власт по референдум што не успеа да го постигне уставното ниво на излезност.

Извор: Setimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико