Доброволното здраствено осигурување ќе стартува до крајот на јуни
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Најдоцна до крајот на јуни ќе стартува доброволното здравствено осигурување, кое може да биде дополнително и приватно, најавуваат осигурителните компании. Дотогаш, пред граѓаните ќе излезат со конкретни понуди и пакети, односно колку ќе чини месечно и кои здравствени услуги ќе се покриваат. Засега од осигурителните компании не откриваат детали, сметајќи дека се’ уште е рано, или дури дека тоа е деловна тајна. Неофицијално, најевтиниот пакет на осигурување за екстра здравствени услуги во државното здравство месечно би чинел околу 50 евра.
Со него би се покривала партиципацијата за лековите, за специјалистички прегледи, дијагностички процедури, ЕХО-снимања, како и за партиципација за болничко лекување. Практично, со дополнителното осигурување овие услуги ќе станат бесплатни.
„Нема детални информации за пакетите од доброволното здравствено осигурување бидејќи, сепак, се работи за нови продукти, односно за деловни тајни на компаниите“, ни рече Ило Ристовски, претседател на Здружението на осигурителни компании при Стопанската комора на Македонија.
Според него, цената, односно премијата за осигурување за пакетите за здравствено осигурување зависи од многу фактори, пред се’ ризик-факторите, висината на осигурителното покритие и обемот на покритијата кои се нудат и неблагодарно е да се прогнозира и да се предвидува висината на премијата за осигурување.
Се’ уште не е дефинирано ни во која форма ќе биде дополнителното здравствено осигурување, дали граѓаните ќе имаат посебни картички кои ќе ги покажуваат, или пак ќе мора прво да ги платат партиципациите, па потоа да бараат рефундација од осигурителните компании.
„Граѓаните ќе добијат полиси, но се’ уште не се знае како клиентите ќе го остваруваат правото на надомест, дали осигурителната компанија ќе го намирува надоместот директно на клиентот или кон здравствената институција во која клиентот се лекувал“, вели Ристовски.
Од осигурителната компанија „Еуролинк“ најавија дека понудата за доброволното здравствено осигурување и осигурителни пакети се веќе дефинирани и почетокот може да се очекува најдоцна во следниот квартал годинава. На пазарот тие ќе настапат само со понуда за приватно здравствено осигурување.
„Тоа ќе важи за установите кои не се во мрежата на Фондот за здравствено осигурување, каде што досега граѓаните сами го плаќаа лекувањето и на тој начин ќе добијат навремена и поквалитетна здравствена услуга“, ни изјави Ивана Поповска-Блажевска од службата за човечки ресурси и маркетинг во „Еуролинк“. Деталите што ќе содржат овие пакети и колку ќе чинат, ќе ги соопштат кога ќе ги промовираат.
Доброволно здравствено осигурување ќе може да користат граѓаните кои веќе имаат задолжително здравствено осигурување. За почеток, за лековите прво ќе се плаќа партиципација, па потоа ќе се бара рефундирање на парите од осигурителната компанија, бидејќи аптеките не се компјутерски поврзани со осигурителните компании. За специјалистички и болнички услуги, пак, каде што партиципацијата е далеку повисока, се преговора со болниците да се склучат договори за директни побарувања.
Извор: Утрински