Правдико

   

Договорен е составот на ДИК и прочистување на избирачкиот список

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Работната група за специјалниот обвинител, неофицијално постигнала договор функционирањето и надлежностите да се прецизираат со законски измени

429FAC927A82F246B02C71FB7C4C6C93

Политички партии се договорија околу изборот на членови на ДИК, изборната комисија треба да се избира по формулата 3+3+3, односно тројца членови да бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив да им се приклучат тројца експерти. Ова во интервју за телевизија Телма го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, што е прва официјална изјава на еден од директните актери во преговорите за тоа што е досега договорено на состаноците на работните групи за имплементацијата на договорот од Пржино.

Според неа, постигнат е и начелен договор околу прочистување на избирачкиот список. Ќе се оди на комбиниран модел, односно ќе се прави теренски попис на полнолетните граѓани, од врата на врата, со отпечаток од прст, а оние кои нема да бидат во моментот во своите домови ќе треба самите да се пријават за да го остварат своето право на глас.

Од она што неофицијално се дознава во работната група која треба да ја утврди правната рамка за специјалниот обвинител се постигнал договор начинот на функционирање, како и неговите надлежности, да се прецизираат со измени на Закон за јавно обвинителство.

Со ова решение се согласуваа СДСМ, од каде што веќе понудија и предлог-измени на законот со околу 15 одредби. Вакво решение било прифатливо и за ДУИ ако се има предвид ставот на министерот за правда, според кого прашањето за специјалниот обвинител најдобро би се решило со усвојување на нов закон, но доколку четирите партии имаат волја за тоа да се оди на смена на актуелниот Закон за јавно обвинителство. Странските посредници во процесот, наводно, предложиле ова прашање да се уреди или со посебен закон или со измени и дополнување на постојниот. ВМРО-ДПМНЕ бараше да не се менува законот, туку функцијата на специјалниот обвинител да биде уредена со правилници.

Договорените модалитети околу составот на ДИК и начинот на прочистување на избирачкиот список предизвикаа различни гледишта во јавноста.

Адвокатот Александар Новакоски, како некогашен претседател на ДИК, смета дека е невозможно да се комбинираат двата система кои ги познава европското законодавство – теренската проверка и активната регистрација на гласачите.

„Доколку се оди на теренска проверка тоа значи дека остануваме на стариот модел, според кој обврската за ажурирање на податоците на граѓаните со право на глас е на државата. При активната регистрација комплетната надлежност се насочува кон граѓаните кои надлежните во една перманентна подолга кампања треба да ги информираат дека треба да се пријават за да го остварат своето гласачко право. Надлежните потоа го составуваат списокот кој се однесува само за тие избори“, вели Новакоски, кој вели дека прв пред неколку години го предложил моделот на активна регистрација на гласачите. Тој тврди дека комбинацијата на овие два система ќе предизвика хаос. Ваквиот модел, според него, го оневозможува точното лоцирање на одговорноста.

Актуелниот член на ДИК, Субхи Јакупи, пак, вели дека „од нешто мора да се почне за да се врати довербата во оваа важна документација каква што е Избирачкиот список“.

„Битно е да се зголемат надлежностите на ДИК, која треба да биде носител на Избирачкиот список. Малку информации допираат до јавноста. Неопходно е да ги видиме детално промените што ќе се направат во Изборниот законик за да може да се направи анализа на добрите и лошите страни на договореното. Станува збор за сложен систем во кој, да речеме, многу е важен начин на кој МВР ќе издава лични карти“, вели Јакупи.

Тој напомнува дека станува збор за голема операција која ДИК ќе треба да ја изврши во краток временски период и затоа треба максимално сериозно да му се пријде на проблемот.

Јакупи не може јасно да предвиди ниту дали тројцата експерти кои ќе ја засилат ДИК може да донесат суштинска промена во делот на објективноста и независноста на изборното тело. Проблемите, според него, би можело да останат поради факторот – силна недоверба меѓу политичките чинители.

Извор: Утрински Весник

Партнери на Правдико