Документите од УБК биле ставени во црни кеси и уништени во Петровец
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.По паузата продолжи судењето за случајот „Тврдина 2“ во кој беше сослушан третиот сведок вработен во МВР. На прашањето на обвинителката Ленче Ристоска, тој потврди дека учествувал на две такви постапки. За денот кога била уништена документацијата за прислушувањето, сведокот изјави: „Беше обичен ден. Околу 10 часот ми се јави Ванчо Цветановски или началникот Никола Бошковски, не се сеќавам, и ми кажа да земам две возила и да ги донесам пред Одделот за оперативна техника на МВР“.
Сведокот појасни дека во возилата на времето товареле црни кеси со документација за ништење и ги однеле за Петровец. На уништувањето на документацијата присуствувале сите од надлежната комисија при УБК.
На прашање на адвокатот Љупчо Шврговски да објасни описно каков бил просторот во кој се вршело ништењето, сведокот изјави: „Просторот беше ограден со камења, во кружен облик од околу три метри. Мислам дека имаше и противпожарен апарат“. Сведокот изјави дека ова ништење на документацијата било различно од првото на коешто присуствувал, бидејќи во првиот случај станувало збор за уништивање на „ситни белешки“, а тој воопшто не знаел какви документи има за уништување бидејќи биле ставени во црни кеси.
На прашање на судијката дали обвинетите службенички во УБК се виновни, сите шест се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Јавноста повторно е исклучена од судењето бидејќи пред судот се изведуваат класифицирани документи од УБК.
В. Маглешов
Извор: Макфакс