Должности и забрани на угостителите при вршење на угостителската дејност
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.При вршење на угостителска дејност, угостителот има одредени должности и забрани кои е должен да ги почитува при своето работење. Уште при самото регистрирање на угостителската дејност, угостителот за секој угостителски објект мора да определи одговорно лице (директор, управник, шеф и слично) на угостителскиот објект кое ќе биде надлежно за работењето на угостителскиот објект во согласност со законските прописи. Одговорното лице, покрај исполнувањето на општите услови за засновање на работниот однос, утврдени со закон, мора да има и најмалку средна стручна подготовка.
За угостителските објеки за сместување категоризирани со четири, пет ѕвездички и де лукс категорија како и за угостителските објекти за исхрана категоризирани со четири ѕвездички, одговорното лице треба да има високо образование.
По исклучок угостителот може да има едно одговорно лице и за повеќе угостителски објекти за сместување (повеќе видови угостителски објекти). Ако угостителот лично го води работењето на угостителскиот објект мора да ги исполнува условите пропишани за одговорно лице. За непочитување на овие обврски предвидена е глоба од 800 евра во денарска противвредност за правното лице како и мандатен платен
налог на одговорното лице во правното лице во висна од 30% од глобата.
Должности на угостителот
Угостителот е должен:
1) да ги одржува просториите и опремата и да дава услуги во угостителскиот објект според пропишаните минималнотехнички услови, како и условите за категоризација за видовите објекти за кои е предвидена категоризација утврдена со решение на Комисијата за категоризација, или според пропишаните критериуми за означување посебни видови на угостителски објекти за кои е предвидено издавање посебни ознаки со решение на давателот на ознаката (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
2) да ги истакне цените за сместување, пансион и полупансион во собите и овозможи увид во цените на тие услуги на корисниците на услугите, на рецепцијата, како и да ги истакне цените на храната, пијалаците и напивките на вообичаените ценовници и во доволно примероци, достапни на корисниците на услугите во секое време (предвидена е глоба од 800 евра во денарска противвредност);
3) на видно место на влезот на угостителскиот објект ноќен бар и кабаре на табла со димензии 20 х 50 см да истакне натпис со содржина: “лица со возраст под 18 години немаат право на посета”. Угостителите се должни да ја утврдат возраста на лицата пред нивното влегување во објектот;
4) да се придржува на истакнатите цени (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
5) да поседуваат документи за набавени производи (фактури, сметки,испратници и слично) – предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност;
6) за секоја дадена услуга да издаде сметка со спецификација на услугите од фискална каса (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
7) на видно место на влезот на угостителскиот објект да го истакне видот на платежните картички кои можат да се користат (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност) ;
8) да ги утврди нормативите на храна и пијалаци кои ги послужува, како и да им овозможи на корисниците увид во тие нормативи (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
9) да ги достави нормативите за храна на заверка на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје и угостителските услуги да ги дава во соодветна количина и квалитет според утврдените нормативи (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
10) да води книга на гостите во угостителскиот објект за сместување (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
11) да го пропише и истакне куќниот ред во сите објекти за сместување(предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
12) во угостителските објекти за сместување да дава угостителски услуги вклучени во туристички пакет аранжмани преку организатори на патувања или посредници, односно туристички агенции (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност);
13) на видно место во угостителскиот објект да ја истакне обврската за ангажирање домашен туристички водич при организиран престој на странски туристи, согласно со одредбите од Законот за туристичката дејност (предвидена е глоба од 2000 евра во денарска противвредност);
14) на видно место во угостителскиот објект или во менито да го истакне телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност) и
15) во сите пропагандни материјали да ги означи видот и категоријата на објектот која е утврдена со решение на Комисијата за категоризација(предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност).
Забрани
Во угостителските објекти е забранета продажба и нудење на продажба, како и уживање на супстанции или препарати што се прогласени за опојни дроги или психотропни супстанци. Исто така забрането е послужување на алкохолни пијалаци на лица под 18 години и послужување на алкохолни пијалаци од страна на малолетни лица (предвидена е глоба од 4000 евра во денарска противвредност).
Угостителите се должни на видно место во угостителскиот објект да истакнат натпис со содржина “лица со возраст под 18 години не се послужуваат со алкохолни пијалаци”, на табла со димензии 20 х 50 см. За непочитување на оваа забрана предвидена е глоба од 800 евра во денарска противвредност за правното лице како и мандатен платен налог на одговорното лице во правното лице во висна од 30% од глобата
Во сите угостителски објекти е забрането послужување на алкохолни пијалаци од почетокот на работното време од 07,00 до 10,00 часот (предвидена е глоба од 1000 евра во денарска противвредност). Додека во угостителските објекти за брза храна (сендвичари) забрането е продажба и послужување на алкохолни пијалаци, како и да пуштаат музика после 24,00 часот (предвидена е глоба од 4000 евра во денарска противвредност).
Вршителите на угостителската дејност можат да вршат и други дејности со кои се надополнува вршењето на угостителската дејност и се придонесува за подобро користење на угостителските капацитети и остварување на поголем промет доколку ги исполнуваат пропишаните услови од страна на органите на управа надлежни за вршење на овие дејности.
Статијата е објавена во првиот регионален Б2Б магазин за угостителство InBar
–ПРАВДИКО–