ДОМ: Уставниот суд да се изјасни зошто не постапува по пријавите за урбанистичките планови во Карпош | Правдико

Правдико

   

ДОМ: Уставниот суд да се изјасни зошто не постапува по пријавите за урбанистичките планови во Карпош

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Од партијата Демократска Обнова на Македонија (ДОМ) јавно ги прашуваат членовите на Уставниот суд зошто не постапуваат по 4-те пријави за скандалозните детални урбанистички планови (ДУП) во Карпош, поднесени од граѓанската иницијатива Коалиција О2.

Од партијата истакнуваат дека во пријавите за ДУП 3 06, 3 04, 3 05 и С3 19, јасно е наведено прекршувањето на процедурата за донесување, со тоа што не е објавена Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина на официјалната страна на општина Карпош.

„Евентуалната реализација на овие спорни ДУП би значела натамошно загрозување на животната средина на жителите на општина Карпош, но и на сите Скопјани, имајќи го предвид обемот на население што се планира да се ‘всели’ во нацртаните градби со гиганстски димензии. Ниеден од овие планови нема предвидено 20% зеленило, како што стои во одредбите од Законот за урбано зеленило, донесен во јануари оваа година, како егзистенцијален минимум за нормално и квалитетно живеење. Сите тие планови го прекршуваат Генералниот урбанистички план на Скопје во одредбите за обезбедување еколошки услови за живеење (растојание меѓу објекти, зеленило, проветреност, осончаност, движење на пешаци и моторни возила, инфраструктура и сл)“, се наведува во соопштението на ДОМ.

Велат дека несфатливо е зошто Уставниот суд веќе со месеци ги крие пријавите за ДУП во Карпош во фиока, а постапува по нови подоцнежни пријави, спротивно на законската обврска и пракса.

„Ова не наведува на помисла дека некој, или некои од уставните судии се во директна спрега со заинтересираните инвеститори на овие ‘гигантски’ објекти. Затоа јавно ги прашуваме дали е ова така како што изгледа од страна, а ако не е, ги повикуваме да ги земат предметите, да ги анализираат и да донесат чесна одлука во интерес на граѓаните на Карпош“, истакнуваат од партијата.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико