Доњецк: Каде да се бега за да се преживее? | Правдико

Правдико

   

Доњецк: Каде да се бега за да се преживее?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Борбите во Доњецк ескалираат. Гранати паѓаат врз болници и училишта. Луѓето прават резерви од храна и вода. Тие бараат заштита и патишта за бегство.

0,,18201351_303,00

Во Доњецк постојано се слушаат силни експлозии. Проектилите паѓаат врз згради, продавници, болници. Во меѓувреме и во центарот на градот, каде порано беше релативно мирно, има разорувања. „На почетокот мислевме дека некоја ракета удри директно во супермаркетот. Луѓето во паника бегаа од него. Потоа се покажа дека уште еден проектил ја оштети болницата веднаш до супермаркетот. Прозорците се искршија, фасадата е уништена“, вели еден сведок на настаните. Спротивставените страни – трупите на украинската влада и проруските сепаратисти – меѓусебно си ја префрлуваат вината за нападите.

Поради се’ почестите експлозии и разорувања, луѓето во Доњeцк стравуваат дека сега може уште повеќе да ескалираат борбите во градот. „Наоколу владее ужас, поради тоа ние уште седиме во куќата. Каде се сокрија сите наши господа од Доњецк? Или кај нив е се’ в ред? Тие сигурно имаат прибежишта некаде далеку, каде сега се безбедни“, луто вели една жена. Таа живее во близина на аеродромот, околу кого се водат жестоки борби.

Училиштата затворени, болниците работат

Поради заострената ситуација сите образовни установи се привремено затворени. „Ни беше наредено да ја запреме наставата во сите училишта и да не ги напуштаме живеалиштата. Децата засега нема да одат на училиште. Никој не знае што понатаму ќе се случува“, раскажува една учителка.

Наспроти ова, многу фабрики и сите болници продолжија со работа. Луѓето и натаму си ја вршат работата. Возилата на јавниот превоз ги избегнуваат само најопасните делови на градот. „Синот работи во фабрика за кокс и хемиски производи. Не може туку-така да се запре производството. А ќерка ми работи во болница. Таа не може да остане дома. Кој тогаш ќе се грижи за ранетите?“, прашува Татјана од Доњецк.

Кои пазари и продавници ќе отворат зависи од ситуацијата во тие делови на градот. Најголем дел од луѓето, а посебно пензионерите, одат во продавниците само кога е безусловно неопходно. „Купувам само леб, оти веќе речиси немам пари. Потребна ни е хуманитарна помош за да преживееме„, вели пензионерот Виктор.

Се чуваат резерви од храна и вода

Многумина од жителите во ваква ситуација чуваат резерви од храна. „Купив брашно и месо. Сега немаме струја, фрижидерот не функционира. Но, зима е, па храната не се расипува толку бргу. Главно успеваме да преживееме“, вели Марија, чија куќа се наоѓа во близина на фронтот.

Покрај експлозиите, во меѓувреме на дневен ред е и снабдувањето со вода. Секој во Доњецк денес во станот ги има наполнети со вода сите можни садови. Секогаш кога има вода, луѓето брзо ги дополнуваат садовите. Претставниците на самопрогласената Народна Република Доњецк најчесто преку телевизија, но и на интернет, известуваат за оштетувањата на водоводните цевки. Но честопати луѓето и сами меѓу себе се информираат по телефон кога ќе дознаат за некое оштетување на водоводната мрежа.

Реката бегалци натамошно расте

Ваквите услови принудуваат се’ повеќе луѓе да го напуштат Доњецк, меѓу нив и Марина. Мажот и’ е градежен работник и пари сега заработува во Русија, оти во Доњецк не може да најде никаква работа. Летоска Марина со децата уште се засолнуваше во визбата на куќата. „Но, в зима таму не може да се издржи долго. Не знам што да правам. Овде е опасно, но опасно е и да се бега“, очајно вели таа.

И покрај тоа, се’ повеќе луѓе се решаваат на бегство. „На секои 40 минути тргнува автобус од Доњецк кон Константиновка. Но, за утре се веќе распродадени сите места“, информира еден возач на автобус. Константиновка е на територијата под контрола на Украина. Од таму веќе може да се патува со воз за Киев. Оние кои остануваат во Доњецк заштита бараат во ходници без прозорци, бањи и во скалишни простории. Прозорците во домовите ги заштитуваат со перници, оти не знаат каде ќе удри наредниот проектил.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико