Државите од регионот се фокусираат на мерките против трговијата со луѓе | Правдико

Правдико

   

Државите од регионот се фокусираат на мерките против трговијата со луѓе

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Trafficking-e1354504232743Тоа беше чудна сцена во центарот на Белград: тинејџерка седeше пред продавница со модринки на лицето и со врзани раце. Друга девојка стоеше до неа со лента на устата, држејќи знак на кој пишуваше: „Таа не може да побара помош“. Трета девојка, облечена во лекарски мантил, „оперираше“ на кукла, отстранувајќи ѝ го срцето.

Настанот во октомври се одржа по повод одбележувањето на Денот за борба против трговијата со луѓе, како дел од кампањата „Црвено ѕвоно“ на Црвениот крст, за подигање на свеста и за едуцирање на населението во врска со трговијата со луѓе.

Трговијата со луѓе на Балканот е сè уште многу присутна, но државите од регионот работат, како заеднички, така и независно, на решавање на прашањето,

Фондацијата „Вок фри“ во октомври го објави својот Глобален индекс на ропството за 2013 година, кој дава процена за бројот на луѓе во модерно ропство во 162 држави.

Во индексот Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија го делат 59-тото место, Хрватска се рангираше на 61-вото место, Македонија се рангираше на 80-тото место, а Црна Гора се рангираше на 53-тото место.

„Економската криза создаде поголем број жртви на трговијата со луѓе, тоа е факт. Има сè повеќе и повеќе млади девојки кои се во потрага по добро платена работа преку границите својата земја, и тоа е најголем проблем“, рече за SETimes Елена Крсмановиќ, портпаролка на белградската невладина организација Астра.

Според извештајот од 2011 година на Организацијата за безбедност и за соработка во Европа, кога се појавила трговијата со луѓе на Балканот, профилот на жртвите бил одреден со присуството на странските војници и на хуманитарните работници.

Но ова кривично дело се промени како одговор на новите социоекономски услови, стратегиите на примената на правото и на политичките ситуации.

„Денес типичната жртва на трговијата со луѓе е честопати државјанин на државата во која шверцерите ги нудат своите услуги и е на возраст под 18 години“, се вели во извештајот. Меѓународната организација на трудот проценува дека во светот има околу 21 милиони жртви на принудната работа, вклучително и на сексуалната експлоатација.

Eкспертите велат дека е неопходна полициска соработка меѓу балканските држави за да се запре трговијата со луѓе во регионот, како во транзитните земји, така и во земјите на потекло.

Митар Ѓурашковиќ, координатор на регионалната програма за борба против трговијата со луѓе во српското Министерство за внатрешни работи, вели дека без заеднички напори на полицијата, бројот на жртви на трговијата со луѓе во Југоисточна Европа би бил поголем.

„Постојано сме во контакт со сите регионални полициски центри. Наши приоритети се следењето и контролирањето на границата, како и размена на информации за сите сомнителни лица и за нивните активности“, рече Ѓурашковиќ за SETimes.

 

photo

Тинејџери во Бања Лука го одбележуваат Европскиот ден против трговијата со луѓе на 18. октомври. [Младен Драгојловиќ/SETimes]

Во септември бил потпишан договор „Балканот против трговијата со луѓе сега!“ од страна на претставниците на четири организации од Хрватска, Србија, БиХ и Македонија.

Целта на партнерството е унапредување на националната, регионалната и на меѓународната соработка и промовирање на конкретни мерки, стандарди и на механизми за решавање на проблемот со трговијата со луѓе.

Партнерството, исто така, ќе ги опфати и недостатоците во правниот сектор на земјите, вклучително и на неефикасните истраги и судења на извршителите и неефикасната заштита на жртвите во согласност со основните права и стандардите на ЕУ.

Реин Декер, национален директор на „Светска визија“ во Албанија и Косово, рече дека е важно да се зајакнат напорите во борбата против трговијата со луѓе „преку подигање на јавната свест и на можностите за пријавување“.

Во октомври, „Декер“ презентираше нова апликација за паметни телефони за побрзо пријавување на случаите на трговија со луѓе.

„Зголемувањето на одговорот е суштината на овој проект … повеќекратно зголемување на очите во заедниците што гледаат и одговараат“, рече тој. „Денешната технологија ни дава можност да испратиме информација со притискање на копчето „пријави“ од нашиот автомобил, нашиот дом, нашата канцеларија, и токму тоа ќе го направи возможно остварувањето на овој проект.“

Земјите, исто така, дејствуваат на национално ниво против трговијата со луѓе.

Саша Рашиќ, координатор на Косово против трговијата со луѓе, вели дека владата презема конкретни чекори за да ги зголеми капацитетите на институциите, со цел да бидат поефикасни.

Проект финансиран од ЕУ во Косово, наречен „Отвори ги очите, биди внимателен“, им дава на децата, и на другите потенцијални жртви, информации за да ги препознаат знаците на трговијата со луѓе и за кој може да им помогне.

„Главната намера е да има што можно помалку жртви на трговијата со луѓе и да се спасат што е можно повеќе животи на луѓе“, рече Рашиќ.

Муедин Кахвеџи, државен секретар во македонското Министерство за труд и социјална политика, вели дека властите во Скопје работат на спроведување акциски план за сузбивање на трговијата со луѓе.

photoАлбанскиот премиер Еди Рама (на крајот десно) со други официјални претставници присуствуваа на конференцијата за борба против трговијата со луѓе во Тирана. [Линда Карадаку/SETimes]

„Министерството за труд и социјална политика ќе спроведе специјализирана обука за старатели на деца-жртви на трговија со луѓе; подигање на јавната свест, економско зајакнување на ранливите групи со олеснување на пристапот до пазарот на трудот; и ќе организра кампањи за намалување на ранливоста, особено на младите луѓе“, рече Кахвеџи.

Самир Ризво, координатор на сараевската невладина организација „Борба против трговијата со луѓе“, изјави за SETimes дека активностите за запрање на трговијата со луѓе во БиХ се фокусирани на три цели: превенција, заштита на жртвите и на судење.

„Босна и Херцеговина се обидува да најде решение во борбата против трговијата со луѓе и потпишува и ратификува меѓународни конвенции и протоколи“, рече Ризво.

Хрватска усвои национален план за борба против трговијата со луѓе за 2012 – 2015 година, кој ја засилува соработката меѓу државното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, подобрувајќи ги методите за идентификација на жртвите на трговијата со луѓе и работејќи во најдобар интерес на жртвите.

„И еден човек да заврши како жртва на трговијата со луѓе, премногу е“, рече хрватската министерка за социјална политика и за млади, Миланка Опачиќ, на 18. октомври, седмиот Европски ден против трговијата со луѓе.

Борбата против трговијата со луѓе не е ограничена само на Балканот. Европските министри за надворешни работи се очекува да дискутираат за барањето на Италија за медитеранска кампања против трговијата со луѓе.

„Според нас, треба да се искористат сите можни опции на заедничка безбедносна и за дипломатска операција предводена од ЕУ против трговијата со луѓе, низ целиот Медитеран“, рекоа италијанската министерка за надворешни работи и министерот за одбрана, Ема Бонини и Марио Мауро, во неодамнешното писмо.

Тие рекоа дека една ваква операција треба да има за цел „да ги обесхрабри криминалните организации и да ги изнесе шверцерите пред лицето на правдата“ и треба да се оствари во соработка со приморските држави и меѓународните тела.

Извор: Setimes

Препорачуваме

Партнери на Правдико