Дваесет години затвор за четворица дилери на хероин | Правдико

Правдико

   

Дваесет години затвор за четворица дилери на хероин

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во три одвоени судења во Основниот суд во Велес се изречени пресуди за дилери кои се обиделе да пренесат вкупно 10 килограми дрога.

1ADD7594251A204AB59ED4E3ECE2D5DF

ВЕЛЕС – Во три одвоени судења во Основниот суд во Велес беа изречени вкупно 20 години затвор, за четворица дилери кои се обиделе да пренесат вкупно 10 килограми хероин. Судот ги прогласи за виновни за „недозволено производство и дистрибуција на опојни дроги“. Дилерите се откриени на граничниот премин „Богородица“ на македонско – грчката граница, при обид за влез во земјава. Дрогата ја набавиле во Истанбул, од непознат организатор.

Во првиот случај двајца скопјани се осудени на по 5,5 години затвор, затоа што сакале да пренесат 8 килограми хероин во земјава. Ќемал Лешникоски (55) и Фадил Бајрамовски (36) од Скопје, според обвинението биле фатени на 26 август минатата година. Хероинот е пронајден во возило „пежо 307“, скриен во просторот за вентилација, во специјално изработен бункер. Запленетиот хероин при продажба на домашниот нарко пазар на големо би достигнал цена од 160.000 евра, а надвор од Македонија над 250.000 евра. Лешникоски и Бајрамовски негираат дека превезувале хероин и дека дрогата им била подметната.

Во вториот случај Нементура Веселовски (23) од скопско Студеничани доби четири години затвор затоа што е фатен со 1,2 килограми хероин во ноември минатата година. Тој патувал во автобус со македонски регистарски ознаки кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, а дрогата е пронајдена во два тетрапак овошни сокови, во кесиња оставени на седиштата. Никој од патниците не признавал дека пратката е негова, но според полицијата и обвинителството, Веселовски ја пренесувал дрогата, а организатори биле лица од Македонија и Турција. Обвинетиот во своја одбрана вели дека кесето со соковите му било дадено, за да го предаде на некои познаници во Скопје и не знаел дека во соковите има сокриено дрога. Хероинот бил наменет за македонскиот пазар.

Турскиот државјанин Имер Исмаили (51) од Истанбул доби пет години затвор, поради шверц на еден килограм хероин. Ислами, кој има и македонско државјанство, беше откриен на 26 ноември лани. Тој патувал во турски автобус на линијата Истанбул – Струга, а дрогата била спакувана во 24 најлонски вреќи и сокриена во неговата јакна. Хероинот бил наменет за пазарот во Албанија. Исмаили кој е зависник, веќе бил осудуван за исто дело. Токму поради тоа изречена му е повисока казна затвор. Обвинетиот при изрекувањето на пресудата побара да не ја отслужува казната во затворот Идризово, оти се плаши за неговиот живот. Осудените остануваат во притвор до правосилноста на пресудите.

Извор: Утрински Весник

Партнери на Правдико