Едно лице под истрага за убиство и за обид за убиство
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради сторено кривично дело – Убиство и кривично дело – обид за убиство. Како што се наведува, осомничениот на 02.03.2019 година, на локалниот пат меѓу селата Шишево и Глумово, со употреба на огнено оружје – полуавтоматски пиштол, со умисла убил едно лице, а се обидел да убие уште едно.
На критичниот ден, тој со својот автомобил го попречил движењето на автомобилот во кој се наоѓале двајцата оштетени заедно со уште едно лице – сведок на настанот и започнал вербална расправија заради претходно нарушени односи. Во момент кога еден од оштетените започнал да се враќа кон своето возило за да влезе, осомничениот му се приближил на кратко растојание и испукал кон него еден проектил од пиштолот, нанесувајќи му тешка телесна повреда во вид на прострелна рана. Потоа тргнал да се пресмета и со вториот оштетен. Сведокот се попречил меѓу нив, но осомничениот му наредил да се тргне. За тоа време, оштетениот започнал да бега, па осомничениот се стрчал кон него и испукал повеќе проектили, нанесувајќи му две огнострелни повреди во пределот на грбот. Како последица на овие повреди, оштетениот починал непосредно по приемот во болница.
По ова, осомничениот се дал во бегство и го напуштил местото на настанот и една година беше недостапен на органите на прогонот. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице поради опасност од бегство, можност да ги сокрие трагите на кривичното дело, да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештите лица, како и да го повтори делото.
Извор: Макфакс