ЕК: Дигитален сертификат само за вакцини одобрени од ЕУ | Правдико

Правдико

   

ЕК: Дигитален сертификат само за вакцини одобрени од ЕУ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европската комисија (ЕК) го претстави усвоениот предлог на Комисијата за „дигиталниот зелен сертификат“ што ќе овозможи полесно патување во рамките на Европската унија (ЕУ). Според предлогот на ЕК, овој сертификат ќе биде и во печатена и во електронска форма и ќе го издаваат властите од сите земји-членки и ќе бидат признати од сите други членки на Унијата.

„Нашата намера е да ги искористиме овие сертификати за да им помогнеме на земјите-членки да го обноват слободното движење на безбеден, одговорен и кредибилен начин“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која го претстави предлогот.

Дигиталните зелени сертификати ќе бидат доказ дека некое лице е вакцинирано против ковид-19, добило негативен резултат на PCR тест или се опоравило од ковид-19, што може да се користи во сите земји-членки на ЕУ и во земјите од Шенген. Како што објаснија во седиштето на ЕК, со ова ќе се избегне можна дискриминација на лица кои не биле вакцинирани.

„На овој начин, што е можно повеќе луѓе треба да можат да го користат дигиталниот зелен сертификат за време на патувањето“, соопшти ЕК и наведува дека сертификатите ќе имаат минимум лични податоци.

Според предлогот на ЕК, земјите-членки ќе мора да признаат сертификати за вакцинација, без оглед на видот на вакцината, но тоа не важи за вакцините кои не се овластени од европските институции. Земјите-членки на ЕУ имаат можност да прифаќаат сертификати за други вакцини поединечно.

Во меѓувреме, ограничувањето на ирелевантните патувања за т.н. трети земји, што го вклучува и Западен Балкан, останува на сила. Лицата од трети земји на кои им е дозволено да патуваат ќе можат да побараат потврда од земјата на ЕУ каде патуваат. Од нив ќе се бара да ги дадат сите потребни информации, вклучително и потврда за вакцинација. Земјата-членка до која е поднесено барањето за сертификација одлучува дали ќе им го додели тој документ на апликантите.

Овој предлог за сертификати треба да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ, а европските институции имаат намера да ги применуваат до почетокот на летните одмори.

Извор: Радио слободна Европа

Партнери на Правдико