Ердоган: Не се откажуваме од судските реформи
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган синоќа најави дека неговата Влада ќе продолжи да ги спроведува планираните реформи, со кои се предвидува поголема владина контрола врз судството и јавното обвинителство, и покрај оценките на опозицијата, судиите и обвинителите дека тие се противуставни
Ердоган нагласи дека посебна владина комисија „гласала и решила“ дека реформите не се во спротивност со Уставот.
Околу овие реформи во саботата вечерта дојде и до жестока расправа меѓу неколкумина пратеници, кои меѓусебно се гаѓале со папки и пластични шишиња со вода, за време на седница на Правната комисија на турскиот Парламент посветена на владината Предлог-уредба, со која, меѓу другото, се предвидува Владата да добие поголемо влијание при изборот на судии и јавни обвинители.
Според очевидци, инцидентот се случил кога претставник на Националната асоцијација на судиите и јавните обвинители иницирал петиција против предложените реформи, повторувајќи го претходно искажаниот страв на неговото здружение дека тие се противуставни, бидејќи се нарушува начелото на независност на судската власт од извршната.
По инцидентот, турскиот министер за правда Бекир Боздаг изјави дека Владата би можеле да го повлече предлогот доколку опозицијата се здружи против неговото усвојување, меѓутоа во синоќешната изјава Ердоган не се спомена таква можност.
Ваквиот владин предлог доаѓа во време кога Ердоган се соочува со најголемиот предизвик во неговото 11-годишно владеење, поради полициската акција во која под обвинение за корупција и перење пари беа приведени десетици државни функционери и бизнисмени блиски до Владата, вклучително и синови на тројца министри.
Извор: Нова Македонија